Министерот за правда Бојан Маричиќ во говорот на конференцијата „Балканскиот интеграциски форум 2021“ кој се одржа во Подгорица, истакна дека од геостратешки интерес е на Унијата да го интегрира Западен Балкан.
Според него моменталната ситуација дава простор да се отвораат нови прашања, а блокадите ќе продолжат да ги охрабрува ретроградните сили кои се противат на европското единство и вредности.
– Знаеме дека државите од Западен Балкан имаат уште многу работа, реформи, предизвици и искушенија. Но, сега е вистинско време Унијата да покаже дека има јасен план за регионот, зошто во спротивно дава шанса на други држави, кои несомнено имаат стратешки интереси за регионов-рече Маричиќ.
Тој во својот говор тој се осврна и на реформите во правосудството и на интеграцискиот процес на нашата држава која според него покажа вистински европски вредности, политичка волја за спроведување на реформи и стана пример за решавање на најтешките децениски прашања низ дијалог и дипломатија.
– Како држава и Влада покажавме искрена и силна заложба и посветеност во европеизацијата на земјата. Започнавме со акциски план за европски реформи дома систематизирани во десет приоритети. Со ова испративме јасна порака дека Северна Македонија е сигурна на стратешкиот колосек и дека остануваме на реформскиот пат и без датум за отпочнување на преговорите со Унијата, бидејќи тоа е пред сè добро за државата и граѓаните. Сега е ред на Унијата-истакна Маричиќ.
Панелисти и учесници на форумот беа истакнати политичари, поранешни и сегашни функционери, дипломати и експерти, од Европа и регионот.
Извор: Министерство за правда