spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Секое дете ни е важно , со системски пристап обезбедуваме квалитетно...

МОН: Секое дете ни е важно , со системски пристап обезбедуваме квалитетно и инклузивно образование

Владата и Министерството за образование и наука во изминатите неколку години направија силен исчекор кон инклузивното образование. Вработивме 500 образовни асистенти кои добиваат плата од Буџетот на МОН. Ги трансформиравме и посебните основни училишта во ресурсни центри. Тие постепено прераснуваат во силна поддршка на основните училишта, каде во редовна настава учат деца со попреченост.

Ова го нагласи Душан Томшиќ, советник во Министерството за образование и наука, во обраќањето на тркалезната маса на тема Инклузивно образование во Република Северна Македонија, организирана од  Филозофскиот факултет – Институт за специјална едукација и рехабилитација заедно со Педагошкиот факултет од Тетово, на која учествуваа и деканите на двата факултета, професори, претставници на Владата, БРО, ученици со попреченост и нивните родители.

Томшиќ посочи дека од 2019 година, кога беше донесен новиот Закон за основното образование со кој е утврдена целосна инклузија на учениците со попреченост во основните училишта, преку носењето на Концепцијата за инклузивно образование во 2020 и подзаконските акти донесени оваа година, заокружен е значаен дел од регулативата за инклузивно образование, а во подготовка е и Нов закон за средно образование каде законски ќе се регулира поддршката на учениците со попреченост во средните училишта.

„Континуирано се зајакнуваат и стручните служби во училиштата и се ангажираат дополнителни педагози, психолози и дефектолози онаму каде немало, или пак, не биле во доволен и сразмерен број согласно бројот на ученици кои имаат потреба од стручна поддршка. Во тек е реализацијата на  Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ со кој во периодот септември – декември 2021, исплатени се 462 деца со попреченост кои се запишани оваа учебна година во прво и второ одделение во редовните училишта, за да го поттикнеме запишувањето на учениците со попреченост во редовното образование. Преку проектот ја развиваме и туторската поддршка, така што на овие деца им е обезбедена и дополнителна поддршка во совладување на наставната содржина“, нагласи Томшиќ.

Oваа година се зголеми  и бројот на стипендии преку МОН предвидени за учениците со посебни потреби од јавните и приватните средни училишта, односно доделени се 100 стипендии за ученици со посебни потреби за учебната 2020/2021 година.

Томшиќ нагласи дека после долги години на Основните училишта со ресурсен центар оваа година им се доделени средства од 2.500.000 денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование.  Дополнително, за училиштето „Златан Сремец“ од Скопје, со поддршка на Фондацијата Песталоци и Отворете ги прозорците обезбедени се 1.000.000 денари за набавка на опрема и дидактички материјали за училиштето и за центрите за поддршка кои се под нивна надлежност.

Обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој  треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН.

„Основното училиште со ресурсен центар „Иднина„ во Скопје ќе добие нова зграда, за што веќе е изготвен проект и во тек се постапките за добивање на дозвола за градење“, информираше Томшиќ.

Во делот на материјалите за учење, согласно новата Концепција за основно образование, учебниците за 1во и за 4-то одделение се адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно испечатени со браева азбука, обезбедени се  и во аудио формат, доколку има потреба ќе бидат испачатени со поголем фонт на буквите, а со поддршка на УНДП развиен е и аудио читач кој може да ги чита наставните материјали на македонски и на албански јазик. Дополнително во соработка со УНИЦЕФ платформата ЕДУИНО ќе има и титлување на содржините на македонски и на албански јазик.

„Наша цел е секое дете да има пристап до сите нивоа на образование, на еднаква основа со другите ученици. Затоа посветено работиме на создавање на услови и можности овие ученици да го реализираат својот потенцијал за да можат да се вклучат на пазарот на трудот и во општеството“, рече Томшиќ, додавајќи дека во овие активности неопходна е  поддршка од сите нивоа на власта, пред се на локалните самоуправи, академската заедница, граѓанските организации како и од родителите и децата за кои се наменети сите овие интервенции.

На прашањето дали во моментов треба да се оди на постепена инклузија или таа да се воведува системски и целосно, во сите нивоа на образование, Томшиќ одговори дека за да правиме мали чекори сме имале време во изминатите 30 години, но не сме го направиле.

„Храбрите чекори, вложувањата и поголемните инвестиции во ваква сеопфатна инклузија е многу подобро решение отколку дополнително да испуштаме генерации деца.  Тие кои не биле опфатени со образование, сега се младинци или возрасни, но се затворени дома, без никакво образование, без шанси да се вработат,  со стари родители кои откако ќе заминат, ќе треба државата да се грижи за нив. Тоа е инклузијата што се спроведувала во нашата земја во изминатите 50 години. Не може да бараме оправдувања за да ја загрозуваме иднината на овие деца, кои според сите конвенции што ги потпишала нашата држава, имаме обврска да ги вклучиме во образование. Државата треба да инвестира во овие деца, и не во пет училишта, туку во сите. Тука се и општините кои од блок дотациите треба да одвојат средства за вклучување на децата со попреченост во редовна настава“, рече Томшиќ.

 

 

Извор: Министерство за образование и наука 

Прочитајте

Карпош: Еко викенд со ,,Генералка Викенд“

0
Општина Карпош и оваа година се придружи на националната еко акција, ,,Генералка Викенд“, во која се спроведе активно чистење на територија на цел Карпош,...