spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМНР: Потребни се храбри политички чекори од сите партнери за обнова на...

МНР: Потребни се храбри политички чекори од сите партнери за обнова на европскиот моментум на Западниот Балкан

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на состанокот на министри за надворешни работи од Западен Балкан, на покана на државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лиз Трас. На состанокот како специјални гости беа Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина и Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан.

Главна тема на дискусија беа актуелните предизвици на земјите од Западниот Балкан: беа отворени темите поврзани со економскиот развој, регионалната соработка и можностите за зголемување на трговската соработка; европската и евро-атлантската перспектива, како неопходен услов за демократски, институционален и политички напредок на земјите; како и предизвиците на регионалната безбедност, вклучително и перспективите за надминување на отворените прашања кои ја загрозуваат неговата интеграција.

 

Зборувајќи за актуелните состојби на Балканот, Османи нагласи:

„Блокадата на Европските интеграции за Северна Македонија и Албанија е неправилна, неоправдана, и таа создава недоверба во целиот регион. Потребни се храбри политички чекори од сите членки на Унијата, пред сѐ од Република Бугарија, но и од останатите партнери во ЕУ; тука секако сметам и на нашата подготвеност за искрени компромиси со цел затворање на ова поглавје и отворање на перспективите за Северна Македонија и за целиот регион. Уверен сум дека е тоа наједноставниот, и веројатно во овој момент, единствениот начин со кој може да се предизвика нов европски и евроатлантски моментум на Балканот“.

Во оваа насока Османи ја поздрави одлуката на британската влада за назначување на специјалниот пратеник на Обединетото Кралство задолжен за регионот на Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, оценувајќи го како чин кој ќе придонесе за подобрување на регионалната стабилност и просперитет на регионот, како и за промовирање на силни демократски институции и отворени општества.

На состанокот, беше презентирана и неодамнешната британска иницијатива за Превенција на сексуално насилство во конфликт, која Република Северна Македонија ја поддржа. Дополнително, беа разменети мислења за активностите и заложбите на земјите учеснички на Глобалниот Самит COP 26 што се одржа во Глазгов овој ноември за намалување на климатските промени . Во овој контекст, МНР Османи брифираше детално за заложбите на Северна Македонија да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51%  до 2030 година.

Во рамки на престојот, МНР Османи оствари и  одделни билатерални средби со домаќинот, Лиз Трас, Габриел Ескобар, Мирослав Лајчак; Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на Премиерот, Борис Џонсон; но и со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисерка Турковиќ, на кои беа разменети мислења за билатералната и регионална соработка.

 

Извор: Министерство за надворешни  работи 

Прочитајте

МЗ: Жителите на општина Илинден ќе добијат нов здравствен дом

0
Министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, заедно со заменик министерот, Јовица Андовски и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски направија увид во градежните активности...