Со настанот„ШАРСКА БЕЛИНА, ШАРСКА УБАВИНА“ што вчера се организираше во ски-центарот Попова Шапка, за првпат се отвoри скијачката сезона во рамки на новиот, четврти во државата, национален парк – Шар Планина.
– Денеска практично промовираме и презентираме како е возможно да се обезбеди одржлив економски развој, а при тоа да се зачуваат природните вредности – истакна министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, наведувајќи дека со добро осмислени решенија базирани на природата, екосистемските услуги, традиционалното сточарење и органското земјоделство, но и со развој на еко туризмотот можеме да ја заштитиме автентичната природа, националното богатство на биодиверзитет, чистата и здрава средина, но и да обезбедиме социо-економски развој на подрачјето.
На настанот се промовираше и Предлог Палнот за управување со националниот парк Шар Планина кој се изработува од IUCN, со поддршка на UNEP, а за кој допрва ќе се спроведе консултација со јавноста и ќе се одржат јавните расправи.
Пораката упатена од Попова Шапка е дека активностите продолжуваат и во континуитет се спроведуваат за да оваа природна вредност го добие третманот што го заслужува.
На настанот обраќања имаа и директорот на Елем Турс, Адем Авзиу, директорот на НП Шар Планина, Ибрахим Дехари и претставник од експертскиот тим кој го изготви Нацрт-планот за управување со НП Шар Планина.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање