По повод претстојните новогодишни празници, дечињата од четврто одделение при ООУ Ванчо Китанов, беа во посета кај градоначалникот Александар Китански. Во пријатна и весела атмосфера, децата со новогодишна песна, кратки рецитали, состави ‘‘Ако станам градоначалник‘‘ и креативни новогодишни подароци, изработени од самите дечиња, ја честитаа Новата Година.
Градоначалникот Китански, истакна дека општината е секогаш отворена за сите граѓани на општината, а најголемата радост за него се ваквите посети.
-Ме радува што општинската зграда е посетувана од страна на децата. Општината е достапна во секое време и сите можат да ја посетат кога сакаат, а посебно се радувам на ваквите посети на дечињата кои се нашата иднина, нашето најголемо богатство, оние на кои најмногу им се радуваме и ги сакаме. Упатувам порака до сите деца да се развиваат во позитивни личности и секогаш да бидат ведри, насмеани и послушни дечиња и што повеќе да го минуваат слободното време во дружење и спортување, рече Китански.
Дечињата му се заблагодарија на градоначалникот за средбата и му подарија книга со желби за поубаво Пехчево изработени од нивните вредни раце.
За време на приемот, дечињата имаа можност накратко да се запознаат со работата на градоначалникот и општинската администрација.
Извор: Општина Пехчево