Училишната библиотека на ООУ “Невена Геориева Дуња”, од денес е збогатена за 100 нови книжевни изданија на француски јазик. Се работи за донација од француската фондација “Bel Ideal”, која обезбеди книги, стрипови и раскази наменети за учениците од петто до девето одделение што го изучуваат овој јазик.
На денешниот настан, од страна на директорката на училиштето и претставниците на фондацијата, беше потпишан и Меморандум за соработка. Истиот, ќе овозможи реализација на дополнителни проекти од страна на училиштето во насока на подигнување на квалитетот на наставниот процес.
Јакнење на културните специфичности и цивилизиските придобивки во франкофонските држави, запознавање со културата и традициите на двете држави, јавна афирмација и промоција на културното творештво преку изложби и театарски претстави, изнаоѓање на партнер-училиште за размена на знаења и искуства, се само дел од предвидените активности кои денес беа официјализирани со потпишаниот Меморандум и кои треба да се одвиваат во наредните четири години.
Инаку, во ООУ “Невена Геориева Дуња”, француски, како втор странски јазик изучуваат 238 ученици.
Извор: Општина Кисела Вода