Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска оствари работен состанок со директорите на Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Центарот за образование на возрасните и Државниот просветен инспекторат на кој се разговараше за сите тековни активности и за поголема меѓуинституционална соработка во насока на обезбедување што подобар воспитно – образовен процес во државата и поквалитетни образовни услуги за граѓаните.
Шаќири ги претстави приоритетите на МОН за следниот период кои се дел од програмата за работа, најавувајќи притоа низа нови активности. Посочи и дека тоа што е започнато од неговите претходници и веќе е потврдено како ефективно, ќе продолжи да се спроведува.
„Важно е да обезбедиме континуитет во напорите за создавање на поквалитетен национален образовен систем. Тоа се очекува и од мене како нов министер, но и од вас како раководители на исклучително важни институции во овој општествен сегмент. Јас верувам во вашето искуство и професионалност и верувам дека сите ќе бидеме на висина на задачите кои ни претстојат. Очекувам добра координација и не само да продолжиме да ги имплементираме реформските процеси кои се започнати, туку и да дадеме дополнителен импулс на заложбите“, рече Шаќири.
Министерот истакна дека ќе инсистира доследно да се спроведува секој чекор и секоја новина содржана во програмата за работа која ја предложи до Владата, затоа што, како што рече, се работи за концепт кој гарантира подобрување на состојбите во образованието.