Подигнување на квалитетот на наставата во високото образование е интерес на академската заедница, но и поширок општествен интерес, и затоа Министерство за образование и наука посветува посебно внимание на креирањето политики за подобрување и унапредување на функционирањето на универзитетите и научната дејност во државата. На вчерашната работна средба, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, проф. д-р Сашо Коруновски разговараа и за продолжувањето на поддршката за поттикнување на научно-истражувачката дејност, почната минатата академска година.
„МОН, почитувајќи ја автономијата на универзитетите, секогаш е отворено да ги слушне нивните предлози за унапредување на образовната и научната дејност. Ќе ја интензивираме соработката, како најдобар начин за постигнување на стратешките цели поврзани со високото образование. Мислењето на професорите за нас е важно во носењето и реализирањето на реформите“, нагласи министерот Шаќири.
Ректорот Коруновски истакна дека УКЛО вложува континуирани напори за успешна реализација на студиските циклуси. Истовремено, заложба на УКЛО е создавање услови за поттикнувачко и мотивирачко научно опкружување, и затоа е добредојдена поддршката на МОН за развивање на постојните и воспоставувањето нови научно-истражувачки лаборатории.
На состанокот се зборуваше и за текот на академската година во услови на Ковид-19.