Вчера министерот за правда Тупанчески оствари средба со шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир, на која разговараа за состојбата со тековните и планираните реформски чекори во судството, заштитата на основните човекови права, вклучително и слободата на медиумите, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Министерот ги презентираше и следните чекори и приоритети на Министерството за правда во однос на владеењето на правото, почнувајќи со функционален преглед на правосудниот сектор, зајакнувањето на капацитетите на правосудниот систем, борбата против организираниот криминал и корупцијата, најавувајќи подготовка на нова Стратегија за реформа во правосудниот систем 2023-2027.
-Свесни сме дека новата методологија дополнително ја нагласува важноста на реформите на владеењето на правото за процесот на пристапување и подготвени сме да продолжиме со важни чекори на тој пат, рече министерот Тупанчески.
Шефот на делегацијата на ЕУ, Гир го потврди напредокот во Извештајот на Европската Комисија за земјава и потенцираше дека сме на добар пат во постигнување на целта за градење на професионално и независно судство. Гир ја истакна важноста на спроведените активности во изминатиот период во полето на подобрување на нормативно-правната рамка, но и дека мора да се посветиме на обезбедување на квалитетна имплементација на овие закони, со цел гарантирање на независно и ефикасно судство, како и промена на перцепцијата кај граѓаните за македонскиот правосуден систем.
Делегацијата на ЕУ предводена од евроамбасадорот Гир ги поздрави реформските чекори и ја истакна максималната поддршка за евроинтеграцискиот процес, продолжување на соработката и обезбедување помош за спроведување на клучната реформска агенда.
Извор: Министерство за правда