Во соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи и амбасадата на Република Франција, во Скопје беше одржана првата конференција „Спортска дипломатија: Од настап до влијание“.
На конференцијата беа презентирани придобивките што дипломатијата и спортот ги обезбедуваат во зајакнувањето на добрите односи помеѓу земјите, можностите за афирмација, соработка, обединување и размена на искуства.
На конференцијата учествуваше и советничката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за спорт, Силвија Митевска, која подвлече дека во следниот период нашата ќе ја развива спортската дипломатија како интегрален дел од јавната дипломатија при
Министерството за надворешни работи, со поддршка од француската амбасадорка за спортска дипломатија, но и од останатата интернационална заедница која е активна на оваа тема.
„Спортската дипломатија е иновативен концепт кој генерира големо внимание дома и во странство. Спортот е моќен и атрактивен медиум за споделување на информации и игра важна улога во нашата култура и општество“, истакна советничката Митевска.
Учесниците на конференцијата истакнаа дека независно дали спортските активности се аматерски или професионални, спортските настани позитивно влијаат и создаваат дополнителни можности за интер-културна размена.
Амбасадорот на Република Франција Сирил Бомгартнер ги презентираше различните димензии на спортската дипломатија и врз основа на тоа потсети дека неговата земја е меѓу првите во светот која ѝ дава големо значење на оваа тематика.
На конференцијата беа презентирани добри практики и успешни приказни од примената на спортската дипломатија во Франција, во рамките на организирањето на Летните олимписки игри планирани да се одржат во Париз 2024, како и за привлекување на дополнителни интернационални спортски настани во Франција.
Извор: Влада