Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со експертите ангажирани на два ИПА проекти, од кои едниот е во областа на предучилишно образование, а другиот неформалната економија од областа на трудот.
На средбата експертите кои работат на проектите ги презентираа досегашните реализирани активности и постигнати цели, како и плановите за нивно финализирање.
Проектниот тим кој работи на Проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа„ финансиран од Акциската програма ИПА 2017.Е.информираше за досегашните активности. Притоа беа посочени, активности и реализирани работилници за над 1100 практичари кои се однесуваат на модернизација на професионалниот и кариерен развој на вработените во предучилишните институции, активности и учество на 180 практичари, за ревидирање на моделот на лиценцирање и релиценцирање на стручните лица во предучилишно образование и активности за зајакнување на родителското учество во предучилишното образование. Исто така, реализирани дизајнирани обуки за сензибилизирање и обука на вработени за работа со родители, при што е изработен и Прирачник со работни материјали.
Со вклучување на сите засегнати страни и вработените во градинките и родителите, целта на овој проект е да се потенцира важноста на сите актери во процесот на предучилишното образование , како унапредување на професионалните компетенции на стручниот кадар, така и родителите, со единствена цел да се подигне квалитетот на предучилишното образование на едно повисоко ниво, од кое придобивка ќе имаат децата.
„Предучилишното образование е клучно за правилен развој на децата. Покрај инвестирањето во изградба на нови градинки, исклучително е важно и зајакнувањето на компетенциите на стручниот кадар во градинките и активното вклучување на родителите. На тој начин се стимулира раното учење и развој на децата со посебен акцент на инклузијата на децата со посебни образовни потреби. Оттука и значењето од имплементирање на проекти како овој, кои имаат за цел подигнување на свеста и нивото за значењето на предучилишното образование,“ рече министерката Тренчевска.
Од страна на тимот кој работи на проектот „Подобрување на условите за работа, исто така беа презентирани досегашните активности и проекциите до крајот на проектот. Овој проект воедно го подржува реализирањето на Програмата за економски реформи, Програмата за реформи во образованието и социјалните политики и Националната стратегија за формализација на неформалната економија 2018-2022 година, особено исходите поврзани со мерење на неформалната економија и поттикнување на преминот кон формална економија.
Тимот информираше дека работи на воведување и тестирање на процедурите и законската регулатива во секторите каде има најчеста појава на привремени и повремени работи и каде постои најголема веројатност од непријавена работа. Како и дека во план е и кампања за подигнување на свеста за штетните ефекти од неформалната економија.