Заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ утрово беше гостин во утринската емисија на телевизија Канал 5, зборуваше за придобивките од евроинтеграцијата на земјава и рече дека искористувањето на можностите кои ни ги нуди членството во Унијата е можност да си го подобриме животот, но и дека секој граѓанин може да помогне во европеизацијата на општеството.
– Нашите заложби да станеме дел од Европската Унија значат дека се стремиме кон создавање посредена држава, а можностите за членка на ЕУ значат можност за подобрена инфраструктура, подобри патишта, железници и сл., повеќе можности за развивање на бизнисите, подобро образование, преку поголема поддршка од европските фондови за да постигнеме подобар квалитет на живот за нашите граѓани, повисок стандард, и воопшто повеќе можности, рече Маричиќ. Тој додаде дека задача на Владата е да ги трансформира институциите преку владеење на правото, преку подобрени закони кои важат подеднакво за сите и кои се применуваат без отстапки, посочувајќи дека секој граѓанин може да помогне во процесот на европеизација на земјата доколку ги почитува законите и прописите кои важат во земјата.
На прашањето дали постои друга алтернатива на земјава освен интергацијата во ЕУ вицепремиерот Маричиќ рече дека алтернативи има, но дека членството во ЕУ е наша стратешка определба уште од 90-тите години и земјата не се определува за друга алтернатива бидејќи таквата алтернатива може да ги стимулира граѓаните да бараат начини како да одат да работат во некоја од земјите членки на Унијата.
-Ние сакаме со нашиот пасош и државјанство да ги имаме сите оние придобивки кои ги имаат граѓаните на ЕУ, рече Маричиќ.
Вицепремиерот Маричиќ посочи и дека проблеми имаат сите земји и дека не очекува проблемите автоматски да исчезнат со самото членство во ЕУ, но според него кога земјата е дел во еден таков голем систем ги има на располагање механизмите на тој систем, со кои помага да се решат проблемите полесно.