Екипи на ЈП „Паркови и зеленило“, по налог на Град Скопје, изминативе денови ја реконструираа средишната жардиниера на булеварот 12.Македонска бригада, во општината Аеродром.
На површина од 2.761 квадратен метар жардиниерата беше пополнета со квалитетна почва, беше поставен нов систем за полевање капка по капка и беше засеана трева. Во средишното зеленило, денеска ќе се засадат 17 садници од видот каталпа.
Уредувањето и обновата на постојното зеленило во градот и подигањето нови зелени површини е приоритет на Градот Скопје за да се обезбеди чиста и здрава животна средина. Во таа насока, екипите на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ деновиве работат на уредување и подигање нови зелени површини во повеќе делови од градот.
Извор: Град Скопје