„По примерот на инклузивноста на моделот за раст на минималната плата започнаа и консултации и анализи за раст на пензиите кое со постоечкото редовно усогласување се прави два пати годишно и со пакетот за финансиска поддршка за справување со енергетската криза за пензионерите ќе го заштитиме и подигнеме стандардот на овие наши сограѓани”, истакна во интервју за ТВ Сител претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
Подвлекувајќи дека со предложеното решение за минималната плата, во јавниот сектор 17.000 вработени ќе добијат зголемување на минималната плата на ново ниво од 18.000 денари, Ковачевски потсети дека во изминатите години оваа Влада ги покачи платите на голем број сектори во државата и тоа од 25-40% во Министерството за внатрешни работи, образованието, здравството.
„Секое зголемување на платите треба да биде пропратено со зголемување на продуктивноста, со ефикасноста, а треба да бидеме свесни дека во јавната администрација е отпочнат процес на реформи, кои треба да ја зголемат ефикасноста на самиот јавен сектор, што ќе доведе нормално и до одредена корекција на платите која што повторувам, во минатиот период е правена во многу сектори“, рече Ковачевски за Сител посочувајќи дека Владата ќе направи сѐ, достоинството на сите вработени во јавниот сектор да биде на ниво, кое што тие го заслужуваат.
Ковачевски повтори дека е неодговорно и несоодветно тоа што опозицијата во Собранието една година блокира Закон, кој за 4.700 наставници предвидува трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, како и зголемување на платите согласно коефициенти поврзани со минималната плата, која е сега зголемена, а во исто време, сега предлага ист таков закон.
„Со оглед на тоа што се наоѓаме во енергетска криза којашто најмногу ги погодува најранливите групи, веќе работиме и на анализа за дополнителна финансиска помош на пензионерите. Оваа финансиска поддршка, за оние кои се најранливи, кои имаат најниски пензии, да биде поголема. Сакаме да обезбедиме одржлив раст на пензиите за да го заштитиме животниот стандард на пензионерите”, истакна премиерот Ковачевски.
Тој информираше дека Владата веќе има мерки односно субвенции за граѓаните од најранливите категории за покривање на трошоците за живот и особено за покривање на трошоците за електрична енергија, како дополнување на пакетите за поддршка од 1.000 денари месечно, за 35.000 семејства.
Новата методологијата за усогласување на пензиите, нагласи премиерот Ковачевски, ќе биде соопштена штом завршат консултациите со сите инволвирани страни и асоцијациите на пензионерите, а законот којшто го поднесе опозицијата, го оцени како популизам и паушално решение кое не се базира на реални анализи.
Извор: Влада