Дијалогот за унапредување на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“ продолжи во Кочани и Делчево во присуство на државната секретарка во Министерството за образование и наука Анета Трпевска, градоначалниците од овие региони, претставниците на бизнис секторот и директорите на средните стучни училишта.
„Целта како што знаете и самите, на овие средби е низ конструктивен разговор заеднички да ја согледаме потребата од одредени струки и профили кои недостасуваат во вашиот регион, но и да преземеме конкретни активности за можноста за нивно оформување во дуални паралелки, уште од идната учебна 2022/23 година. Всушност, овие средби ќе резултираат со креирање на уписните политики за средното стручно образование за новата учебна година“, рече Трпевска.
Државната секретарка на МОН напомена дека овој дијалог е од исклучителна важност не само за учениците, компаниите и локалните самоуправи, туку и за целокупниот раст и развој на државата, бидејќи со овој процес ја обезбедуваме потребната работна сила која е дефицитарна во земјава, а која е еден од важните фактори за напредок. Посебно охрабрува податокот од спроведениот прашалник пред започнувањето на дијалогот, на кој МОН доби одговор од околу 400 компании, а над 90 % се изјаснија дека сакаат да се вклучат во дуалното образование.
„Би сакала да истакнам дека дијалогот го реализираме втора година по ред со директна поддршка од Амбасадата на Швајцарија. Токму како резултат на овие средби што МОН ги водеше минатата година, на ниво на држава, отворивме вкупно 97 дуални паралеки во кои се запишаа 1.400 ученици, претходно беа само 11 паралелки. Исто така, за да ги поттикнеме младите да се запишуваат во стручно образование, целосно ги променивме и политиките за стипендирање. Од учебната 2021/22 година секој запишан ученик во дуална паралека добива месечна стипендија од 3.500 денари“, рече Трпевска.
Оваа учебна година во Кочани и Виница се воспоставени вкупно 7 дуални паралелки од кои 5 се во Кочани. Додека Делчево има една и една во Македонска Каменица.
Министерството за образование и наука ги повикува сите компании активно да се вклучите во дискусијата и да ги посочат реалните потреби од квалификуван кадар, нешто што може да се постигне исклучиво преку прилагодување на уписните политики согласно побарувањата на пазарот на трудот.