spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Образованието е темел на кој се издига и унапредувањето на македонскиот...

МОН: Образованието е темел на кој се издига и унапредувањето на македонскиот јазик

На меѓународниот Ден на мајчиниот јазик, горди сме што генерациите пред нас го зачувале и негувале нашиот мајчин македонски јазик и како Влада и Министерство за образование и наука фокусирани сме кон идните генерации и континуирано вложуваме во подобрување и развој на образованието како темел на кој се издига и унапредувањето на македонскиот јазик. Ова го нагласи државната секретарка во МОН Анета Трпевска на манифестацијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје, каде поголемиот дел од програмата беше посветен на  учениците  од  општинските основни училишта на територијата на Град Скопје што го носат името на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, во чест на јубилејот 150 години од неговото раѓање.

Трпевска посочи на поддршката од МОН на проектите на Институтот за македонски јазик за тригодишно истражување на лексиката во народната проза и зборуваше за образовните политики со кои се унапредува наставата  на мајчин јазик во земјава, во која уставно загарантирано е правото на учениците – припадници на заедниците да се школуваат на својот мајчин јазик во основното и средното образование.

„Редовна настава на својот мајчин јазик следат и припадниците од албанската, турската и српската етничка заедница, а од учебната 2018/2019 воведена е и редовна настава на босански јазик. Со примена на Законот за основно образование од 2019 година, се овозможува и негување на јазикот и културата на помалобројните етнички заедници преку изборниот предмет Јазик и култура на Ромите/ Србите/ Турците / Власите / Бошњаците. Се надевам дека заедно ќе придонесеме во јакнењето на заедничките вредности на ова наше општество и јазична разновидност и дека таа ќе биде столб на интеретничка кохезија и меѓусебно разбирање“, истакна Трпевска.

Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува на 21 февруари, прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.

Датумот е избран во спомен на трагични демонстрации на студенти од Универзитетот во Дака, кои како учесници на бенгалското јазично движење биле убиени од полицијата на  протест на 21 февруари 1952 година.

 

 

 

 

Извор: Министерство за образование и наука 

Прочитајте