spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeИнтервјуаЃорѓиевски: Професионална и ефикасна администрација ќе бидат реалност во општина Кисела...

Ѓорѓиевски: Професионална и ефикасна администрација ќе бидат реалност во општина Кисела Вода


1. Какви реформи се случуваат во општинската администрација во Кисела Вода?

Од првиот ден на моето доаѓање на градоначалничката функција во општина Кисела Вода, започна спроведувањето на реформите кои ги најавив во мојата предизборна програма, а кои подразбираат создавање на ефикасна и модерна администрација која ќе одговори на потребите за побрза услуга, подобар квалитет и еднаквост во пристапот за сите граѓани и деловни субјекти. Со оглед на засилената динамика на работа и реализацијата на бројните проекти кои се реализираат секојдневно, од вработените побарав посветена и професионална работа и мислам дека и граѓаните веќе ги чувствуваат резултатите. Илустративно, воведов двосменско работење на општинската архива, по извршената функционална анализа со мојот тим, направивме прераспределба на службеници во одделенијата каде има зголемен обем на работа, како што беше, на пример Одделението за легализација на дивоградби. Ова пак, резултираше со 554 легализирани дивоградби за неполни 5 месеци, од кои првите 100 во првата седмица откако станав градоначалник на Општина Кисела Вода. Реформите само што започнаа и допрва следуваат, но ако нивната успешноста се мери по реализираните проекти и задоволството на граѓаните, мислам дека Општина Кисела Вода веќе ги добива првите одлични оценки.



2. Дали ќе направите измена на важечкиот Колективен договор во општина Кисела Вода, какви идеи и проекти имате за подобрување на работните услови за вработени?


Колективниот договор има важност од две години и на почетокот на новата година, седнав на маса со Претседателот на гранскиот синдикат, ССКО на РМ и со претседателот на ССО на Општина Кисела Вода, па пред да го потпишеме документот кој ќе биде во важност во наредните две години, заеднички ги дефиниравме обврските, но и правата на вработените и нивната положба, условите за работа и делувањето на синдикалната организација, како и други важни прашања поврзани со правата на вработените во Општината. Сметам дека новиот колективен договор е коректен и овозможува работата непречено да се одвива, а вработените да имаат добри и фер услови за работа.


3. Дали ќе воведете Награда за Најдобар административен службеник и Најдобар млад административен службеник во тековната година?

 

Моментално, во Општина Кисела Вода постои наградување за вработените врз основа на меѓусебно оценување на самите вработени и таа пракса ќе се задржи. Во поглед на конкретното прашање, не би сакал однапред да ветувам дека ќе воведам награда за најдобар административен службеник и најдобар млад административен службеник, со оглед на фактот што јас континуирано се залагам за воведување на дополнителна стимулација за сите добри работници во општината.



4. Како и дали треба да се направи реорганизација во општина Кисела Вода, кои се вашите мерки и идеи?

 

Како што веќе кажав, од она што го затекнав како состојба во Општина Кисела Вода, реорганизацијата беше неопходна во повеќе сектори. Некои промени ги направивме веднаш, бидејќи не сакав граѓаните да чекаат ниту ден повеќе за проектите што им беа потребни да започнат со реализација. Живееме во динамично време, информацијата е подостапна од било кога и нема да толерирам изговори за инертност на административниот апарат. Со вработените сум во секојдневна комуникација, отворен сум да слушнам и да работиме заедно на надминување на предизвиците со кои се соочуваат, да реагираме каде што треба, бидејќи одредени службеници кој долго време работат на одредена проблематика имаат одлични идеи за решавање на одредени проблеми. Ми беше многу важно да го поттикнам заспаниот ентузијазам кај дел од вработените, бидејќи во општината има и врвни професионалци кои одлично си ја познаваат работата, но претходните раководства не им овозможувале услови истата да ја вршат. Во Општина Кисела Вода сега има нова атмосфера, што е предуслов за успешна работа.

 


5. Дали и на кој начин ќе ја поттикнете 
спортската и хуманата страна на вработените во општина Кисела Вода?


Во сите настани кои ги организираме, вработените во општината освен што се вклучени од идеја до реализација, секогаш се дел од финалниот продукт. Значи на сите спортски, забавни, културни, хуманитарни манифестации, нашите вработени покрај тоа што на некој начин се домаќини, тие се поканети да бидат и гости на настанот. На пример, за новогодишниот хуманитарен базар кој се случуваше во паркот Шопен, обезбедивме пакетчиња за 2000 деца од општината. Тоа беа дечиња од градинките, деца со посебни потреби, децата од социјално-ранливите категории и децата на вработените во општината. На настанот сите тие присуствуваа заедно со своите родители и заеднички се дружеа. Секако, во периодот што е пред нас ќе има многу вакви и слични манифестации на кои сите граѓани, а и вработените ќе можат да се забавуваат, да спортуваат и да ја покажат својата хуманост.




6. Кои се вашите клучни проекти што ги направите во првите 120 дена од мандатот?



Во овие пет месеци покажавме сериозност во намерите да креираме нов лик на Кисела Вода. Промените се започнати и активно траат во сите сфери од делувањето на оваа локална самоуправа. Ставаме ред во урбанистичкиот хаос, кој децении наназад беше заштитен знак на ова место, занимавајќи се со ревизија, со интензивирање на легализација на дивоградби, но и со рушење онаму каде што се пронајде криминал. Целосно реконструиравме повеќе улици, со убавото пролетно време, започнуваме градежна офанзива на ова полето на надземна и подземна инфраструктура. Интервенираме на улици на кои никој триесет години не инвестирал, градиме децениски исчекувани канализации, градиме неколку паркинзи, реконструиравме детски игралишта, училишни спортски сали, обновуваме основни училишта, чистиме огромни депонии и на нивно место градиме паркови.  Обезбедивме компјутер за секој наставник, а посебно внимание посветивме на лицата со посебни потреби- поставивме пристапни рампи во објектот на општината, дониравме книги напишани со Брајово писмо за училишната библиотека на ДУРМДОВ “Димитар Влахов”, градиме сензорни соби низ основните училишта… И сево ова е само почеток.

7. Дали ќе имате партиски реваншизам и отпуштање на административните службеници и вработените во општина Кисела Вода по основ на политичка партија и на кој начин ќе гарантирате дека нема да се случи?



Поминаа веќе пет месеци откако дојдов на градоначалничката позиција и одговорот на ова прашање, може да се цени по актуелната состојба во Општина Кисела Вода. Како што најавив, никој не е и нема да биде отпуштен поради свои политички убедувања или припадност на некој политички ентитет. Моите критериуми на вреднување се многу поинакви. Секој во оваа институција си има свои работни задачи и ќе продолжи да ги добива согласно степенот на образование и стручноста, а квалитетот се цени и наградува. И дека е тоа така ќе ви потврдат лицата кои некој ги плашеше дека со моето доаѓање ќе бидат мета на политички реваншизам.Толеранција немам само за неработење и за неквалитет. Она што тука го затекнав на почетокот беше список со десетици лица кои беа на платен список, но никој во претходните четири години не ги видел, а се сомневам и дека воопшто знаат каде е лоцирана општината. Секако дека на тие лица не им беа продолжени договорите, бидејќи тоа е криминал. Напротив, ги пронајдовме кои се и тие се предмет на детална ревизија. За криминалот како што најавив, ќе се одговара, а парите кои тие лица ги земале, ќе ги вратат. Тоа се пари на граѓаните и мора да се вратат во нивниот буџет. Но, секој оној кој професионално и чесно си ја заработува платата, нема зошто да стравува.

8. Дали ќе им дадете вистинското значење, дејствување и положба на синдикатите во општина Кисела Вода за унапредување и заштита на работничките права?

 

Сите средби за кои сметам дека се во насока на унапредување на правата на работниците, а не се на штета на работните процеси во општината се корисни и секогаш ќе бидат прифатени. Синдикатот, како застапник на работничките права е секогаш добредојден во мојот кабинет за конструктивни разговори и преговори.




9. Дали ќе овозможите едукација и усовршување на административните службеници и вработените во Општина Кисела Вода преку размена на проекти програми и семинари и доколку е ДА на кој начин?

 

Едукацијата и доусовршувањето на административните службеници и вработените во Општина Кисела Вода е од интерес на самата институција, а со тоа и на граѓаните од овој дел на градот. Ако од администрацијата бараме да биде брза, ефикасна и соодветно да одговори на новите процеси и техники, наша институционална обврска е да и овозможиме професионална надградба. Што би значело дека ќе им бидат овозможени сите оние семинари, курсеви и програми кои ќе им бидат потребни за подобро извршување на работните обврски.



10. Колку капитални проекти предвидувате, колку домашни и странски инвестиции ќе донесете и колку нови работни места ќе отворите во општина Кисела Вода?

 

Основен предуслов за засилен економски развој на Кисела Вода е комплетна промена на нејзиниот имиџ и инвестиции, пред се, во подобрување на инфраструктурата. Тоа е единствениот начин да ја направиме оваа општина погодно тло за инвестирање и во таа насока промените се почнати со голема динамика. Дека нашите напори се препознаени, говори и фактот што една домашна инвестиција веќе е отпочната и компанијата која гради деловен простор, предвидува десетици нови вработувања.

Кога сме на оваа тема, сакам да најавам дека планирам формирање на две нови технолошко развојни зони во општината и тоа Зона Драчево и Зона Чупријан во која ќе се вработат огромен број наши сограѓани. Веќе сме во преговори со неколку потенцијални инвеститори, но сакам да нагласам дека инвестициите не се предвидени само во новите индустриски зони. Подобрувањето на деловната клима во Кисела Вода, ќе донесе инвестиции во целата општина. И Општината и јас, како нејзин градоначалник, сме отворени за предлозите и барањата на бизнис заедницата се со цел, зеднички да постигнеме подобар економски развој на Кисела Вода.

 

 

 

 

 

Извор: Javnaadministracija.mk

Прочитајте

Карпош: Две образовни институции се збратимија со основното училиште „Драго Миловиќ“...

0
Градоначалниците на збратимените општини Карпош и Тиват, Стевчо Јакимовски и Жељко Комненовиќ, вчера потпишаа меморандум за соработка во областа на образованието. Станува збор за...