Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата „Топ Тема“ на Телевизија Телма истакна дека социјалниот дијалог со синдикатите треба да продолжи се додека не се најде соодветно решение. Таа рече дека две средби се малку за решавање на толку важно прашање.
Министерката се осврна на растот на платите на вработените во градинките што ги направи оваа Влада.
„Во 2017 година, платата на воспитувач била 19.200 денари, денес во февруари платата е 25.642 денари. За негувател за месец февруари просечна плата е 19.560 денари, а во 2017 година негователот земал плата 14.493 денари,“ рече Тренчевска.
Таа посочи дека согласно колективниот договор потпишан во 2019 година, меѓу МТСП и СОНК, сите барања се исполнети, а со потпишувањето на нов колективен договор ќе се предвидат сите барања доставени од синдикатите, како работното време за приправниците и кариерен развој, нешто на што министерството работи во моментов, со цел обезбедување на поголеми права за вработените во градините. Во однос на приправниците, министерката рече дека согласно колективниот договор се работи за работна позиција и таа позиција не треба да се врзува со значењето на приправник согласно Закон за работни односи. Таа појасни дека со обезбедување на место согласно систематизацијата на работни места, приправникот се искачува место погоре. Како и дека сите оние приправници кои ги исполниле условите, согласно закон и колективен договор, имаат согласност од министерството да се искачат за место погоре.
Во врска со досегашното преговарање Тренчевска истакна дека на средбите се разговарало за воспоставување на систем на плати во јавен сектор, кој би се договарал заеднички, целта е платите да имаат постојан раст. Како и усогласување на платите со пораст на просечна плата и трошоци на живот.
„Во овој момент треба да се насочиме кон економијата, покачувањето од 18.4% не е соодветно во време на економско-енергетска криза, кога Владата изминатиов период ја донесе минималната плата, ги покачи пензиите и донесе пакет антикризни мерки. Моментумот за покачување на платите од 18.4% не е реален,“ рече Тренчевска.