Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера оствари средба со државната министерка на Сојузна Република Германија надлежна за Европа, Ана Лирман.
Соговорниците се согласија дека ефектуирањето на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија од март 2020 година е исклучително неопходно во дадениот момент, доколку Европската унија сака да го задржи својот кредибилитет, пред се во регионот. Соочена со безбедносни ризици во своето непосредно соседство, предизвикани со руската агресија врз Украина, ЕУ треба да ја демонстрира својата зацртана улога на геостратешки играч и да го потврди проширувањето како корисна алатка на нејзината надворешна и безбедносна политика.
„Северна Македонија одамна ги исполни сите услови за старт на преговорите и дополнително, постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, придружувајќи се кон сите санкции во поглед на руската инвазија на Украина, и време е и Европската унија да покаже подеднакво ниво на посветеност кон државите од Западниот Балкан кои веќе се однесуваат како ЕУ членки“, истакна министерот Османи.
Двајцата министри подвлекоа дека деблокирањето на нашиот пат кон ЕУ, без одлагање, е од првостепена важност, за што Германија ќе продолжи, како и досега, активно да се залага.
„Германија е наш клучен партнер во остварувањето на европската агенда, која конзистетно не поддржува и ни помага на патот кон ЕУ преку дипломатски напори, но и преку поврзувањата кои ги нуди Берлинскиот процес и 30-годишната билатерална развојна соработка“, подвлече министерот Османи.
Во рамки на работната посета, министерот Османи оствари одвоени средби и со советниците на канцеларот Шолц, за надворешна политика, Јенс Плотнер и за ЕУ прашања, Ундине Руге, на кои стана збор за итноста од деблокирање на евроинтегративниот процес на нашата држава. Министерот Османи се заблагодари за позиционирањето на прашањето за проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан високо на агендата на германската Влада. Соговорниците од германска страна ја реафирмираа позицијата на Германија во поглед на нашето ЕУ досие и се заложија проактивно да помагаат во остварувањето на првенствениот надворешно-политички приоритет за Северна Македонија, кој истовремено претставува и геостратешка инвестиција на ЕУ во име на безбеден, стабилен и просперитетен регион во срцето на Европа.