На 25.05.2022 год. директорот на Агенцијата за примена на јазикот на РСМ оствари работна посета во Грац, Австрија. Првата работна средба беше со раководителите на Европскиот центар за модерни јазици, што е составен дел од Советот на Европа. Работната средба се реализираше со директорката Сара Бреслин, како и со административниот раководител на овој центар, Мајкл Армстронг.
Директорот Села детаљно ја презентираше историјата и дејноста на Агенцијата, зборуваше за можноста за соработка, но исто така ја истакна и потребата за учење од искуството на овој центар и западните стандарди. Раководителите на овој значаен центар изразија подготвеност за да помогнат со повеќегодишното искуство во областа на повеќејазичноста.
За време на средбата се зборуваше и за успешните модели на мултилингвализмот во Европа, можноста за поддршка на двојазичноста и на повеќејазичноста, за поефикасните начини за подигање на граѓанската свест, како и за предностите што ги дава повеќејазичноста во целост, специфики што се многу важни во дејноста на Агенцијата во насока на примена на Законот за употреба на јазиците.
Исто така, се дискутираше и за можностите за истражувачки проекти, како и за меѓуинституционална соработка. Овој центар изрази подготвеност да ја поддржи Агенцијата во нејзината мисија, почнувајќи со советување, како и обука на нејзините вработени.
Втората работна средба беше со директорката на Центарот за јазици, повеќејазичност и дидактика во Универзитетот во Грац, д-р Даниела Унгер-Улман. Директорката на овој центар ја презентираше својата успешна работа, искуство од кое можеме да учиме и ние.
Со неа се дискутираше и за можностите за меѓуинституционална соработка, особено во областа на развојот на јазичните политики, документирање на јазикот, како и зголемување на стандардот на учење и предавање на јазикот.
И директорката Даниела Унгер-Улман изрази подготвеност да ја зајакне соработката со Агенцијата за примена на јазикот, како и да ја посети во блиска иднина.
На ова научно патување директорот проф. д-р Илбер Села беше придружуван од проф. д-р Изер Максути и Дардан Емини.