spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваШаќири: Регионот се заложува за создавање на ученички генерации посветени на дијалог,...

Шаќири: Регионот се заложува за создавање на ученички генерации посветени на дијалог, мир, толеранција и меѓусебно почитување

На народите кои живеат во Западен Балкан им недостасува повеќе сплотеност и почит кон различностите и помалку насоченост кон екстремен национализам, нетолеранција и омраза, за да бидеме похармонична и поубава средина за живеење. Ако кај повозрасните, промените потешко се случуваат, кај младите сигурно дека ќе успееме да влијаеме системски, односно преку правилна поставеност на националните образовни системи и со доволно голема поддршка од граѓанскиот сектор. Мораме да ги научиме да бидат насочени кон дијалог, кон градење на мир и кон поголем меѓусебно почитување. Да прераснат во луѓе без предрасуди, да соработуваат и да разменуваат искуства верувајќи дека така ќе придонесат за подобар живот во сопствената земја, а со тоа и во регионот.

Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на настан во Струга на кој беа претставени досегашните резултати од програмата за училишна размена и вмрежување „Супер училишта“ која ја спроведуваат Регионалната канцеларија за младинска соработка и Германското друштво за меѓународна соработка, а чија цел е поврзување на средните училишта од земјите во Западен Балкан со цел подобрување на нивните капацитети за спроведување на проекти за градење на меѓукултурен дијалог и регионална соработка.

„Имав прилика да ги погледнам резултатите од досегашната имплементација на оваа иницијатива, односно програма во изминатите 6-7 месеци и можам да кажам дека се мотивирачки и очекувам во иднина да бидат уште подобри. Особено сум горд што и училишта од Северна Македонија зедоа активно учество во иницијативата. Со тоа се потврдува дека и ние како земја имаме младина која покажува подготвеност за учество во креирање на промените кои сите сакаме да ги видиме во Западен Балкан“, рече Шаќири.

Министерот се заблагодари за поддршката од  RYCO и GIZ и како што рече, верува дека во иднина таа ќе биде уште поголема, бидејќи очигледна е намерата на сите земји од регионот да создаваат што подобри генерации на ученици и млади со вистински вредности.

„Повикувам на истрајност во спроведувањето на оваа иницијатива и секако, нејзина поголема промоција и проширување во иднина. Да вклучиме што повеќе млади и да градиме регион кој ќе биде отпорен на политички влијанија чија цел е продлабочување на јазот меѓу народите“, додаде Шаќири.

Во рамки на иницијативата, вкупно 30 средни училишта од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, оранизираа 60 активности за размена на искуства преку вмрежување на над 800 ученици на возраст од 15 до 17 години. Во активностите беа вклучени и повеќе од 100 наставници. Иницијативата ќе се спроведува до март 2024 година.

 

 

Извор: Министерство за образование и наука 

Прочитајте