Во понеделникот, на пленарна седница, Собранието го разгледуваше изменувањето и дополнувањето на Буџетот за 2022 година. Додека ги разгледував експозето и материјалите, добив инспирација за оваа колумна, во која ќе опфатам неколку теми, кои вистина се обемни и засебни, но имаат силна меѓусебна поврзаност, а тоа се глобалните економски случувања, Буџетот и неговото финансирање и ЕУ перспективите. Секогаш настојувам преку моите колумни да антиципирам и да ја прикажам големата слика, бидејќи економијата бара стратегија и планирање. Така и во овој текст, преку факти ќе зборувам за аспектите на државните финансии во тековниот контекст и како полесно да стигнеме до она што сите го посакуваме, а тоа е забрзан и одржлив економски раст.
Согласно најновите, јунски проекции на Светска банка, очекувањата за глобалниот раст годинава се дека тој ќе забави, од 5,7% колку што изнесуваше во 2021 година на 2,9% во 2022 година, како резултат на длабоката рецесија што ќе ги зафати руската и украинската економија, прелевањето на кризата врз другите економии, забавувањето на побарувачката, како и повлекувањето на политиките за поддршка и истовремено високата инфлација. За 2023 година се очекува слабо забрзување на економската активност, со проектиран раст од 3%, главно поради повисокото ниво на цените на основните производи, како и монетарното затегнување што се очекува да продолжи уште некое време. Проекцијата за 2024 година е раст на светскиот БДП за 3%, како што глобалната економија ќе се приближува кон долгорочниот потенцијал за раст.
Избегнување стагфлација
Засега, сите релевантни меѓународни институции предвидуваат позитивен економски резултат годинава. Сепак, голем дел од нив предупредуваат на опасноста од стагфлација. Светска банка во „Глобални економски перспективи“ од јуни 2022 година, како „црвени знаменца“ ги посочува стапките на инфлација коишто достигнуваат повеќедецениски рекорди, високата задолженост на земјите по пандемијата, затегнувањето на монетарната политика како одговор на инфлацијата, а со тоа и затегнување на условите за финансирање и повеќегодишната забавена инвестициска активност.
За да дополнително се намали ризикот од стагфлација, светските носители на политики треба да настојуваат да го зголемат производството на храна и енергија, а со најава на истото и да ги намалат инфлаторните очекувања и цените. Потребно е да се забрза енергетската транзиција кон нискојаглеродните извори на енергија, да се пружи помош на оние што се зафатени од војната во Украина, да се разгледаат опции за отпишување или олеснување на долговите на нискодоходовните земји, како и понатаму да се јакнат одбранбените механизми против пандемијата на ковид-19.
Во услови на продолжени инфлаторни притисоци, економиите во развој, кои по пандемијата имаат видно стеснет фискален простор за реакција, треба да се фокусираат пред сè на заштита на ранливите категории погодени од кризата. Но, истовремено треба внимателно да менаџираат со јавниот долг, со цел обезбедување одржливо финансирање на истиот, а со тоа и макроекономска стабилност.
Со ребалансот – мерки за граѓаните и за стопанството
На почетокот на енергетската и ценовната криза, Владата на Република Северна Македонија реагираше со силен фискален одговор, со цел да се забави преносниот ефект од увезената инфлација врз домашните производи. Следниот пакет антикризни мерки, што ќе го презентираме по носењето на ребалансот на Буџетот, содржи таргетирани мерки што ќе бидат насочени онаму каде што се најпотребни и каде што ќе дадат најоптимални резултати. Динамиката на имплементација на мерките ќе ги следи економските движења, при што се очекува најголем дел од нив да бидат активни во четвртиот квартал од годината. Ќе има мерки и за граѓаните и за фирмите, и за поддршка за стабилизирање на цената на храната. Истовремено, преку прудентната политика ќе се задржи фискален простор, како и клучно, ќе се осигури одржувањето на макроекономската стабилност.
Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни 19 милијарди денари насочени кон повеќе категории и цели, за апсорбирање на дел од ефектите од кризата. Околу една четвртина од овие средства се резерва за мерки. Понатаму, обезбедени се дополнителни средства за земјоделците за поттикнување на домашното производство, а со тоа и поволно дејствување врз цените на храната. За најранливите категории граѓани обезбедени се дополнителни средства за поддршка за справување со ценовните шокови, а се предвидуваат и средства за покачување на пензиите – системски, согласно растот на платите и трошоците за живот. Во ребалансот има дополнителни средства и за компаниите за субвенционирање на покачување на платите, како и програми за поддршка на инвестиции. Дополнително, надвор од Буџетот, како поддршка на граѓаните и стопанството засегнати од енергетската криза и инфлацијата се поволните заеми од Европската банка за обнова и развој во износ од 100 милиони евра за ликвидноста на ЕСМ (која продава под цената на чинење со цел апсорбирање на ценовниот шок на регулираниот пазар, односно „субвенционирање“ на сметките за електрична енергија пред сè на сметките на домаќинствата) и од Европската инвестициона банка во износ од 100 милиони евра за поддршка на стопанството преку поволни и/или бескаматни кредити, на кои преку моделот на Планот за забрзан раст ќе се приклучат и комерцијалните банки со дополнителни 100-200 милиони евра. Тука не ги наброив постојните мерки коишто се пресметани во ребалансот, како што се намалениот ДДВ за електрична енергија за домаќинства, враќање на 2.2 милијарди денари на граѓаните преку проектот МојДДВ и други мерки што се системски поставени, но им помагаат на ранливите категории за време на кризата, потоа гарантираниот минимален приход и други активни мерки на пазарот на трудот, како и новата методологија што овозможува постојано прилагодување (читај раст) на пензиите и минималната плата со инфлацијата и растот на цените со цел заштита на животниот стандард и интегритетот.
И покрај кризата, ја задржуваме високата развојна компонента на буџетот со 32,1 милијарда денари капитални инвестиции, кои и покрај надолната корекција со ребалансот, сепак се на највисокото историско ниво досега.
Утврдени се лимити за долгот и дефицитот
За економијата, еднакво важно за да понатаму се врати на патеката на забрзан економски раст е одржувањето на стабилноста и претпазливото менаџирање со јавниот долг. Оттаму, со предложениот ребаланс, иако има проширување на буџетскиот дефицит со цел обезбедување средства за антикризни мерки, сепак истиот е понизок во однос на претходната година.
Според последната состојба, на крајот на првото тримесечје од 2022 година, државниот долг е намален на 46,8% од БДП, додека јавниот на 54,9% од БДП. Согласно видувањата на ММФ, стабилно ниво на јавен долг за земјите во развој е до 70%. Нашата посветеност за прудентно менаџирање со јавниот долг во насока на негова стабилност и одржливост се огледа и преку среднорочните лимити што ги поставивме во Стратегијата за управување со јавниот долг, со кои се гради рамка за јавниот долг за периодот од 2023 до 2027 година. Со лимитите на среден рок се дефинира максималното одржливо ниво на вкупниот јавен долг, но и нивото на гарантиран долг во однос на БДП. Со цел да се задржи нивото на јавниот долг во одржливи рамки, лимитот на вкупниот јавен долг на среден и долг рок не треба да надмине ниво од 60% од БДП. Сепак, како резултат на економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19, значаен дел од земјите на Европската Унија, како и земјите во регионот, беа принудени да ги прошират своите буџетски дефицити со цел да се обезбедат средства за справување со пандемијата, што резултираше со зголемување на нивото на јавен долг за повеќе од 10 процентни поени. Поради сериозноста на кризата, фискалните правила во ЕУ се суспендирани до крајот на 2022 година. Среднорочните проекции кај нас покажуваат дека јавниот долг ќе го надмине прагот од 60% во периодот 2022-2025 година, но како резултат на мерките за фискална консолидација, во 2026 и 2027 година се предвидува повторно враќање под нивото од 60% од БДП, додека државниот долг ќе се сведе на ниво од околу 50%. Инаку, новиот Закон за буџети се очекува да биде изгласан во Собранието до крајот на јули, при што во него се предвидени и фискалните правила за јавниот долг и буџетскиот дефицит, како и фискалниот совет, како исклучително важни за фискалната одржливост, заедно со многу други реформи коишто ќе доведат до поефикасно и потранспарентно управување со јавните финансии.
Одржувањето на стабилноста на јавниот долг ќе го постигнеме преку нашата јасна заложба за постепена фискална консолидација. Со најновата Фискална стратегија со изгледи до 2027 година, се предвидува етапна фискална консолидација, со намален буџетски дефицит како процент од БДП: 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година. Со цел зајакнување на фискалната дисциплина, во среднорочната фискална стратегија содржани се лимити за буџетските расходи, лимити по буџетски корисници, како и проекции на среден рок за локалната власт и јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост. Планираната фискална консолидација опфаќа три главни аспекти: подобрување на наплатата на буџетските приходи преку мерки за намалување на сивата економија и спречување и сузбивање на корупцијата; намалување и реструктурирање на буџетските расходи преку кратење на неприоритетните трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор и иновациите, поддршка на најранливите категории население и ревидирање на методологиите за трансфери и субвенции; и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, финансирање и реализација на одредени проекти преку јавни приватни партнерства и основање Развоен фонд. Ова е предвидено и со Планот за забрзан економски раст, којшто преку вклучување различни извори на финансирање ќе ја поддржи инвестициската активност и со тоа го забрза растот, а истовремено ќе се намали дефицитот. Тука би ја додал и финансиската поддршка за одржување на макроекономската стабилност, т.н. Заем за ликвидност и претпазливост за 2022-2023 година, како и други развојни програми од ИМФ и Светска банка.
ЕУ во контекст на економијата, растот и инвестициите
Важен момент тука е пристапот до европските фондови, но и растот на странските инвестиции, како едни од повеќето придобивки за економијата од евроинтеграциите. Имајќи предвид дека во Планот за заздравување на економијата и забрзан економски раст се планира преку инволвирање повеќе извори на капитал да се удвои економскиот раст во земјава и да се достигнат историски највисоки стапки од над 5% одржлив раст, од економски аспект, интеграцијата со Европската Унија игра важна улога во спроведувањето на овој план.
Ако се земат предвид искуствата од другите земји во процесот на евроинтеграции, тие упатуваат на зголемување на економската активност, подобрување на конкурентноста и на надворешнотрговската размена, зголемувањето на странските инвестиции и отворање нови работни места. Кај Чешка, на пример, економскиот раст забрза од 2,7% на 6,1% по пристапувањето во Унијата. Интеграцијата има позитивно влијание и врз развојот на инфраструктурата, а позитивно влијае и врз другите сектори како што се информатичката и телекомуникациската индустрија, туризмот, земјоделието и образованието.
Општи придобивки од пристапувањето кон ЕУ се стабилноста, демократијата, безбедноста и просперитетот, стимулот и поддршката за раст на БДП, повеќе работни места, повисоки плати и пензии, растечки внатрешен пазар и домашна побарувачка, слободно движење на работната сила, стоки, услуги и капитал, како и пристап до пазар од над 450 милиони потрошувачи. Во однос на макроекономските влијанија, тука се растечкиот прилив на странски директни инвестиции поради зголемена деловна доверба, намалени ризици, поголема мобилност на работната сила, ефикасен транспорт, посилна конкуренција и поттик за иновации, систем на државни субвенции усогласен со регулативите на ЕУ, полесен пристап до финансиски институции и фондови, дополнително зголемување на БДП и раст на индустриското производство поради повисока динамика на извозот.
Придобивки има и за компаниите. Тука се зголемениот пристап до ЕУ фондовите и поддршка за малите и средни претпријатија. Нема царински или квантитативни ограничувања и поедноставена е административната процедура во тргувањето со други земји членки на ЕУ. Во однос на намалување на трговските бариери вреди да се споменат и заемната сертификација на стоки, единствениот стандарден процес на сертификација за целиот регион и спроведување на политиката за конкуренција и правата на интелектуална сопственост.
Накусо, од економски аспект придобивките се неспорни. Јасно е дека на нашата економија, по долг период на стапки на економски раст во просек од околу 2,5%, а потоа и на економски шокови од пандемијата, енергетската и ценовната криза, ѝ е потребен бустер, катализатор, којшто ќе го забрза растот. Имаме силна и издржана стратегија со Планот за забрзување на растот и имаме можности што треба да ги искористиме. На крајот, комплетната слика секогаш е важна за носење вистински одлуки.
Извор: Министерство за финансии