Градоначалникот Кирил Пецаков, денес одржа прес конференција на која ги претстави новите мерки и проекти, кои ќе бидат реализирани во новата учебна година.
– На мое особено задоволство, сакам да ја информирам јавноста дека Советот на Општина Охрид на својата вчерашна седница донесе многу важна одлука со која се прецизираат сите мерки кои локалната самоуправа ќе ги преземе во насока на поддршка на учениците и студентите од општината.
За првпат оваа година општина Охрид воведува: Проект „Нашите првачиња“ со кој предвидува финансиска поддршка од 3000 денари за секое запишано прваче во општинските основни училишта.
Ја зголемуваме вредноста на стипендиите за ученици од основните и средните училишта за учебната 2022/2023 година од 1500 на 2000 денари. Стипендиите ќе се доделуваат за 9 месеци и ќе бидат наменети за талентирани ученици, ученици со посебни постигнувања и за ученици од ранливи семејства. Исто така врз основа на јавен повик ќе се доделуваат и стипендии во месечен износ од 3000 денари за редовни студенти во неколку категории.
За прв пат се воведува нова мерка „Образовен додаток“ која е наменета за студенти кои студираат надвор од Охрид, а потекнуваат од семејства со социјален ризик, многудетни и еднородителски семејства. Со оваа мерка е предвидено е да бидат еднократно доделени по 6000 денари на најмногу 120 студенти.
И во текот на наредната година, Општина Охрид ќе ја подолжу поддршката за ученици во основно и средно образование, студенти, магистранти и докторанти кои се лица со ретки болести и посебни потреби. За учениците е предвиден е зголемен износ од 2000 денари месечно за 9 месеци, а за студенти, магистранти и докторанти износ од 3000 денари месечно за 9 месеци.
Обезбедивме зголемување на надоместокот за наставниците ангажирани во продолжен престој. Од оваа учебна година тој ќе изнесува 15.000 денари за пола работно време, наместо досегашните 10.000. Се прават и напори за решавање на проблемот со работниот стаж на овие наставници кој досега беше нерегулиран. Предвидено е сите основни училишта да организираат продолжен престој од 15 ти септември.
Овозможуваме дополнително вреднување на постигнатиот успех на учениците на напреварите во знаење кои се организираат по наставните предмети. За таа цел, покрај доделување стипендии и традиционалното доделување признанија на денот на сесловенските просветители „ Св. Кирил и Методиј„ ќе се доделуват и парични награди за учениците и нивните ментори и тоа:
– За освоено прво место на државен натпревар во знаење по наставен предмет ќе се доделува еднократно по 10.000 денари за ученикот и неговиот ментор; за освоено второ место ќе се доделува по 7000 денари, а за освоено трето место на државен натпревар ќе се доделува по 4000 денари;
– За освоено прво место на меѓународни натпревари ќе се доделува еднократно по 18.000 денари за ученикот и неговиот ментор; за освоено второ место на меѓународни натпревари ќе се доделува по 15.000 денари, а за освоено трето место на меѓународни натпревари ќе се доделува по 12. 000 денари.
Целта на овие мерки е да се поттикнат учениците и нивните ментори да учествуваат на натпреварите во знаење и да постигнуваат врвни резултати- истакна во своето излагање Пецаков.
Градоначалникот подвлече дека од учебната 2022/2023 година за првапат во две основни училишта во Општина Охрид: ООУ „Св.Климент Охридски“ и ООУ „Христо Узунов“, ќе отпочне да се реализира пилот-проектот „Италијански јазик во основното образование“. Факултативно изучување на италијанскиот јазик ќе биде по два часа неделно за учениците од 5- то и 6 -то одделение. Со овој пилот –проект, на почеток ќе бидат опфатени само последната година од одделенска настава и првата година од предметна настава( во овие две училишта), а понатамошниот опфат ќе оди согласно потребите и интересот на учениците и родителите.
За учебната 2022/2023 година општина Охрид за првпат ќе додели награда и за „Првенец на генерацијата“ во основните и средните општински училишта. По изборот согласно процедурите на училиштето, директорот на училиштето доставува известување до општина Охрид по што на ученикот ќе му биде исплатена награда во вредност од 10.000 денари.
Извор: Општина Охрид