Минитерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со заменик амбасадорот и раководител на економскиот оддел во Амбасадата на С.Р. Германија во Скопје, Ото Граф, на која разговараа на неколку теми кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Соговорниците разговараа за законското решение недела ден на неделен одмор, со кое се предвидува денот недела да биде неработен ден за сите освен за оние дејности каде поради техничко-технолошки причини процесот не смее да биде запрен, како и за исклучоците кои се наведени во законот.Министерката Тренчевска појасни дека, законското решение предвидува и дека одредени линии во одделни дејности можат да работат доколку се од витално значење за функционирање на компанијата. Како и дека, работењето во недела треба задолжително да биде пријавно во Државниот инспекторат на трудот, електронски на веб страницата на инспекторатот.
На средбата се разговараше и за социјалната инклузија на лицата со попреченост на пазарот на труд. „Владата и Министерството се залагаат за поголема вклученост на лицата со попреченост на пазарот на труд. Министерството подготвува законско решение кое е во насока на унапредување на правата на лицата со попреченост во смисла на вработувањето. На носењето на ова законско решение ќе претходи широка јавна дебата со сите засегнати чинители во општеството, со цел креирање на заедничко решение кое ќе одговори на потребите во општеството,“ истакна Тренчевска.
На средбата се отвори и темата за социјалната состојба на граѓаните, на што министерката даде осврт на досегашните преземени мерки на Владата кои ја потврдија својата ефикасност, наменети за ранливите категории на граѓани и компаниите погодени од кризата. Таа информираше дека со ребалансот на буџетот се предвидени дополнителни средства за мерки кои ќе го олеснат премостувањето на економската и енергетска криза особено за зимата која следи, а за која се очекува да биде тешка. Соговорниците изразија уверување дека добро воспоставената соработка меѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.