Потврда и силен поттик за унапредувањето и за продлабочување на билатералната соработка меѓу нашите две блиски и пријателски земји, во сите области од заемен интерес, посебно на планот на економско-трговската соработка, културата и особено во делот на туризмот, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на отворањето на Конзулатот на Република Србија во Охрид.
-Охрид, како и досега, е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени, во што поголем број. Со особено задоволство можам да констатирам дека Република Северна Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите сфери од творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи, додаде таа.
Костадиновска-Стојчевска најави дека наскоро се очекува да биде потпишана и новата Програма за културна соработка, која значајно ќе ја збогати презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја.
– Светла иднина нашите две држави имаат и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ каде што имаме можности за заедничка соработка. Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали, рече министерката.
Таа додаде дека развитокот на културниот простор во кој сложно живееме и во кој учиме едни од други, создава предуслови и за развојот на економските и на политичките врски.
– Сѐ почнува и сѐ завршува со културата. Пред нас постои силен предизвик да се впуштиме во оформувањето на заедничките интереси важни за иднината на нашето минато и за идентитетот на нашата сегашност, заклучи Костадиновска-Стојчевска.
Заедно со министерката на отворањето на конзулатот беше присутен и српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, Невена Јовановиќ, амбасадорка на Република Србија во Република Северна Македонија, а присуствуваше и почесниот конзул на Србија во Охрид, Михајло Филев.
Одлуката за отворање на својот Конзулат во Охрид, Србија ја донесе минатиот месец, а српскиот Конзулат во Охрид ќе ги покрива општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа.
Извор: Влада