По повод националниот празник 2 Август- Илинден, утринава во Општина Крива Паланка им беше оддадена достојна почит на загинатите борци за слободна Македонија од Илинденскиот период и од Втората светска војна.
Чествувањето на денот, кога славиме 119 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и Денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност, започна со положување на свежо цвеќе пред спомен бистата на борците од Народноослободителната борба.
Делегација од општина Крива Паланка предводена од градоначалникот Сашко Митовски, претставници од Советот на Општина Крива Паланка, претставници на општинскиот Сојузот на борци, претставници на државни и локални институции и организации, како и претставници на двете најголеми политички партии, се поклонија пред споменикот на нашите борци кои ги дале своите животи за слободна и независна Македонија.
По повод овој најголем и најсветол национален празник, во име на Сојузот на борците од кривопаланечко, свое обраќање имаше претседатело на здружението, г-дин Славе Јовановски,а градоначалникот Сашко Митовски упати честитки до сите и имаше свое свечено обрачање пред присутните, во кое изјави:
„Денес, на овој светол празник, големиот државен празник на Република Северна Македонија со двојно историско значење одбележуваме 119 години од Илинденското востание 1903 и 78 години од Илинден 1944, првото заседание на АСНОМ.
Датуми кои се дел од суштинските историски случувања што го одразуваат континуитетот на државотворната историја на македонскиот народ, стремежот на граѓаните на нашата земја да создадат сопствена држава, еднаква со сите народи.
Денес од овде, од платото на Општина Крива Паланка, со длабок пиетет и почит кон нашите предци кои се впишале во историјата на самобитноста и државноста на татковината, сакам да порачам дека како наследници на генерациите кои се вградија во историјата мораме да го почитуваме делото на носителите на двата Илиндена.
Илинден претставува голем македонски национален празник, кој неосмнено има посебно значење за историјата на македонскиот народ. Не само заради важните датуми од историјата кога на 2 август 1903 година започнало Илинденското востание, а во 1944 година е одржано Првото заседание на АСНОМ, туку овој празик е вечно потсетување на она што го имаме и што го живееме денеска. Овој празник не потсетува на историската борба и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава, и на сите оние кои со своето дело и подвизи трајно се вградиле во овој чин.
Илинден е уште еден повод за благодарност, за тоа што денеска живееме во современа, независна и меѓународно признаена држава, но и потсетување да продложиме во мир и заедништво да ја градиме државата во духот на европските вредности. Наша должност е достојно да ги одбележуваме датумот кој ги велича сите пожртвувани знајни и незнајни херои кои ги дадоа животите за нашата слобода, да ги славиме и воздигнуваме вековната желба на великаните на Крушевската илинденска епопеја и на храбрите борци на Народноослободителната борба.
И годинава празнуваме сите заедно, достоинствено и гордо, почитувајќи се меѓусебно и почитувајќи ги илинденските вредности на обединетост, еднаквост, правичност, праведност и слободарство.
На 119 годишнината од Илинденското востание и 78 годишнината од Првото заседание на АСНОМ се поклонуваме и ја славиме традицијата на комитите, револуционерните борци, партизаните, нивниот идеал, личната саможртва.
Тие нѐ задолжија вечно да ја чуваме и развиваме идејата за слободна, независна, демократска, прогресивна република и мултикултурно општество.
Денес, ние интензивно ја градиме таа илинденска визија. Република Северна Македонија е земја на мир, слобода, пријателство и соживот. Земја со големи меѓународни НАТО сојузници и ЕУ пријатели, земја со европска иднина за нашите сегашни и идни генерации. Нашиот поглед е вперен напред кон иднината, исто како и на илинденците и асномците, и заеднички, го остваруваме нивниот сон.
Овој ден го одбележуваме остверениот сон на генерации дејци за македонската идеја кои ги втемелиле корените на нашата државност и на нашата иднина. И ние, како аманет од нив денес достојно ги браниме, негуваме и надградуваме вредностите што ги оставија, градејќи ја иднината. Нашата денешна Илинденска мисла и стремеж за подобра иднина се темелат на континуитетот на вредности вградени од дамнина надградени со модерните европски текови.
Светлината на Илинден нека блеска потсетувајќи не на историската борба и вечниот стремеж за современа и меѓународно признаена држава, но и потсетување да продложиме во мир и просперитет да ја градиме државата во духот на европските вредности.
Нашата денешна борба се отсликува по добиениот кандидатски статус неодамна, и отпочнатите преговори за полноправно членство во Европската Унија. Ние како државотворна партија и храбри политичари, покажуваме дека продолживме да ги надградуваме темелите на државата кои ги поставија илинденците, преку реализација на процесите пред кои беше исправена нашата држава, решавајќи ги сите крупни прашања во државата и етапно затворајќи ги.
И не само кандидатскиот статус, туку затворени се прашања кои значат иднина на државата и нашите деца.
Денес сме горди што РС Македонија е полноправна членка на Нато алијансата, нашата Македонска православна црква е афтокефална и признаваена, Завршен е пописот на населението.
Носевме и носиме одлуки кои значат иднина и напредок на државата.
Храбри и патриотски одлуки за поддршката за просперитет на земјата и од одлуки кои се од највисок интерес но и вековен стремеж за државата и граѓаните.
И продолжуваме да градиме општество, еднакво за сите, со модерни Европски вредности и со нови отворени перспективи за напредок и иднина достојна за секој македонец.
Прославувајќи ги двата Илиндена, 1903 и Првото заседание на АСНОМ, ја прославуваме и љубовта кон татковината. На овој празник се поклонуваме на славното дело на револуцијата, на храброста, доблеста, но и на поставувањето на темелите на современата македонска држава.
Идеалите на двата Илиндена се сèуште живи, и тлеат во секој од нас. Се додека во себе го носиме жарот на илинденците ќе постои и стремежот за поубаво утре.
Нека ние вечна и вековита државата.
Да сте здрави и живи.
Извор: Општина Крива Паланка