Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, го пречека претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Н.Е. г. Педро Санчез Перез-Кастехон, кој штотуку слета на Меѓународниот аеродром Скопје.
– После историскиот чекор кој го направивме кон ЕУ и отворањето на преговорите, нашиот традиционален и верен пријател на европскиот пат, претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Н.Е. г. Педро Санчез Перез-Кастехон, пристигна во Скопје, со што уште еднаш се потврдува позицијата и заложбата на Кралството Шпанија за интеграција на регионот во Унијата, напиша вицепремиерот Маричиќ на својот Фејсбук профил.
Домаќин на шпанскиот премиер Санчез ќе биде претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а организирана е и свечена церемонија на пречек пред платото на Владата, со највисоки државни и воени почести, по што ќе следи тет-а-тет средба на премиерите, како и пленарна средба на делегациите на двете земји.
Посетата на Северна Македонија е дел од турнеја на Санчез низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.