Деновиве, јавноста ја брануваат отпуштањата на рамковните вработени во Јавното претпријатије на Град Скопје, Комунална хигиена. Па дури постоеше и упад на медиум во просториите на Јавното претпријатије, кој тенденциозно сакаше да се прикаже како „заштитник“ на отпуштените рамковно вработени во Претпријатието.
Но, сепак вистината секогаш излегува на виделина – вработувањата по Рамковен целосно ги деградираат професионалните и етички критериуми за вработување во државните институции и претпријатија.
Ваквите вработувања, освен што служат за одржување на партиската војска (во овој случај на ДУИ, партија која претходно, скоро 10 години раководеше со претпријатието „Комунална хигиена – Скопје”), тие уште и претставуваат огромен финансиски товар на самото претпријатие (или институција) без да придонесат кон унапредување на неговата работа или услуга која ја дава истото.
Оттука, би сакале да ја информираме јавноста дека, Управниот Одбор на „Комунална хигиена – Скопје”, поради сомнеж дека во Претпријатието постојат вработени кои со години не се појавуваат на работните места а земаат плата, уште во април поднесе барање за состојбата и бројот на вработени во Претпријатието по сите основи, но тогашниот директор Зуди Енузи вешто го криеше списокот најверојатно токму поради овие причини.
Истото ова прашање го поставија и советниците од Левица во Град Скопје, но повторно беа игнорирани од тогашниот директор.
Со доаѓање на функцијата на новата директорка Косана, информацијата која ја баравме под сомнеж дека има лица кои земаат плата а не одат на работа се обелодени. Лицата кои беа наводно “отпуштени”, за кои дури и еден заменик директор од ДУИ упати закани кон градончалничката Данела Арсовска, се само партиски послушници наградени за своите партиските активности.
Клеветите кон градоначалничката Данела, дека ваквата нејзина одлука е насочена против етничките Албанци од Македонија, се само дел од изговорите и оправдувања како и притисоците, се со цел и понатаму овие партии да продолжат со расипништвото и искористувањето на јавните средства во своја партиска корист. Дополнително, ваквите реакции се и своевиден доказ за национализамот и шовинизмот со кој албанските партии со години го дојат народот.
Левица секогаш се залага во интерес на работниците, но, освен во вакви случаи, кога партиски активисти, на товар на буџетот се финансираат од парите на граѓаните.
Впрочем, отпуштањата во КХ Скопје се однесуваат на вработени во ЈП Комунална хигиена со договори на определено време преку АПВ, но на кои не им бил продолжен договорот за работа поради неисполнување на работни обврски односно непојавување на работно место. Директорот како овластено лице има право да одлучува дали ќе бидат продолжени договорите на работа на вработените земајќи го во предвид исполнувањето односно неисполнувањето на работните обврски.
Извор: ЛЕВИЦА