Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на Бледскиот стратешки форум, оствари средба со Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан.
На средбата беше изразено задоволство од неодамна одржаниот стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што веќе ги дава првичните резултати под формата на американски грантови наменети за зајакнување на владеењето на правото, културата и одбраната.
“Со одржаниот стратешки дијалог со САД, билатералните односи добиваат нова прецизно дефинирана рамка за понатамошен развој, додека стратешкото партнерство дополнително се зацврстува и надградува. Посветено работиме на дефинирање на идните активности кои произлегуваат од стратешкиот дијалог и имаат за цел зајакнување на рефомските процеси и гарантирање на демократскиот напредок и просперитет на земјава” – истакна Османи.
Соговрниците се осврнаа и на евроинтегративите процеси на Северна Македонија со посебен акцент на неодамнешното отпочнување на пристапните преговори со Европската Унија. Ваквиот чекор претставува значаен влог во зачувувањето на стабилноста и напредокот на целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
Воедно, на средбата беше поздравено сојузништвото меѓу двете земји во рамки на НАТО, при што беше истакната поддршката за Украина и заедничките заложби за одбрана на современите демократски принципи и вредности, како и силна осуда за руската воена инвазија.