Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ имаше средба со пратеникот и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, Михаел Рот, а во присуство на германската амбасадорка Н.Е. Анке Холштајн и државната секретарка на СЕП, Дрита Абдиу- Халили, на која разговараа за следната фаза во евроинтеграцискиот процес и за важноста од непречено одвивање на процесот на скрининг.
– Навистина ми е драго што сте денес во посета на Северна Македонија, земја која ги започна преговорите за полноправно членство со ЕУ. Во овој наш успех стои и Вашиот личен ангажман, како и напорите и принципиелната поддршка од Вашата влада за проширувањето на Унијата на земјите од Западен Балкан, истакна вицепремиерот Маричиќ на почетокот на средбата.
Вицепремиерот Маричиќ го информираше Рот за чекорите кои земјава ги презема по прифаќањето на францускиот предлог, како и за претстојната промена на Уставот. Вицепремиерот Маричиќ со пратеникот Рот се согласија дека во процесот на уставни измени е потребно сите политички чинители да застанат зад државниот интерес, со цел процесот на преговори да се одвива непречено.
Вицепремиерот Маричиќ на состанокот го брифираше Рот и за процесот на подготовки околу скринингот, кој започнува на 15ти септември, како и на ревидираната преговарачката структура која ќе биде усвоена идната недела, потенцирајќи дека институциите по координативните состаноци интензивно се подготвуваат за следната фаза во евроинтеграциите, а тоа е скринингот.
Маричиќ и Рот потврдија дека гледајќи од денешна перспектива, кога Европа и светот се соочуваат со нови предизвици, се вреднува секој напор направен во насока на приближување на земјава кон ЕУ и извесното полноправно членство на Северна Македонија во Унијата.
Европската Унија не е само политички проект, таа е и мировен, потврдија Маричиќ и Рот на средбата. Рот додаде дека Северна Македонија направи многу во исполнувањето на европските критериуми и дека вака подготвени имаме добра основа, со добра динамика ќе ги водиме преговорите, а поддршката од Сојузна Република Германија ќе ја имаме за забрзување на реформите и усогласување со ЕУ стандардите, за побрзо да се подготвиме и да станеме земја членка на Европската Унија.
Во рамки на посетата на Северна Македонија, пратеникот на германскиот Бундестаг, Михаел Рот кој е и претседател на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундестаг има средби и со претседателот Стево Пендаровски, спикерот на Собранието Талат Џафери, со министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и со претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски.