Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска и в.д. деканката на Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Билјана Анѓушева потпишаа Меморандум за соработка со кој ја изразија подготвеноста за продлабочување на соработката во полето на заштитата на животната средина.
Според Оџаклиеска, оваа соработка ќе овозможи изнаоѓање на заеднички ефективни решенија при креирањето и примената на „зелените“ политики преку формирање на заеднички експертски тимови за изработка на апликативни проекти, успешно воведување на нови технологии за постигнување на стандардите на животната средина, како и користење на стручна, научна и техничка поддршка во изготвување на експертски анализи во заштитата и унапредувањето на животната средина.
Со Меморандумот, се овозможува и користење на техничко-професионалните услови, материјали, простории и лаборатории на Технолошко-металуршкиот факултет, како и на лабораторијата на МЖСПП. Потпишувањето на документот е резултат на потребата за поврзување на ресорните институции во функција на поттикнување на одржлив развој, забрзување на зелената транзиција и градење на одржлива, зелена и циркуларна економија.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање