Денеска, во повеќе општини во државата, како и во цела Европа, под мотото “Комбинирај и движи се” започна одбележувањето на Европската недела на мобилност (од 16-22 септември), која оваа година се организира на тема „Подобри конекции” (Better Connections).
Целта е да се упати силна порака дека треба да се поттикне синергијата помеѓу луѓето и локациите, и да се искористи нивната експертиза, креативност и посветеност при подигање на свеста за одржлива мобилност и при промоција на промени во однесувањето во корист на активна мобилност. Овогодинешната тема ја одразува потребата на жителите од Европа повторно да се поврзат едни со други, по неколкумесечна изолација, рестрикции и ограничувања, како резултат на светската КОВИД-19 пандемија.
Како национален координатор, Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај градовите, од кои секој поодделно се носители и организатори на активностите во своите урбани средини, ги поканува и сите граѓани, невладини организации, општествено одговорни компании и целиот цивилен сектор во нашата држава, да се приклучат во оваа европска кампања. Воедно, МЖСПП ги повикува сите чинители на општествениот живот во текот на овие 7 дена да ги споделат своите најдобри практики за урбана мобилност и да преземаат чекори и мерки кои ќе овозможат јаглеродно неутрална средина (односно јаглеродно неутрален континент) што е и долгорочната цел на Европската недела на мобилност, и да се приклучат во одбележувањето на 22 Септември – Денот без автомобили, со затварање на главните улици за сообраќај и организирање на велосипедско дефиле.
До денес, за учество во одбележување на Европската недела на мобилност 2022 во Северна Македонија, се вклучија градовите Велес, Струмица, Прилеп и општина Карбинци, а останатите градови сеуште имаат можат да се пријават на https://registration.mobilityweek.eu/login.php?lang=mk.
Како информација, во Европската недела на мобилност со свои активности низ цела Европа и светот оваа година на стартот на неделата се пријавени 2320 градови од 45 држави од Европа и светот.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање