На учениците од основните и средните училишта не им се овозможуваат услови за школување, поради неспособноста на Владата.
Знаеме дека нема учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение. Тие одделенија учат по фамозната Концепција за реформи на образованието на Царовска, притоа, не од електронски учебници, како што таа најавуваше, туку од скрипти – ако што Левица укажа дека ќе се случи. Но, што е со учебниците за другите одделенија и класовите во средните училишта?
Голем број ученици од предметна настава во основните училишта добиваат стари, парталави и неупотребливи учебници, особено по наставниот предмет Историја. За странските јазици од прво до деветто одделение учебници нема веќе три години, иако има нови наставни програми, а конкурсот за избор на нови учебници е целосно завршен што значи дека рецензентските комисии избрале соодветни учебници.
Во средните училишта, особено во стручните средни училишта, состојбата е уште полоша. За голем број од стручните предмети нема никаков учебник. Дури и кога има учебници, истите не се ускладени со наставните програми. На пример, во учебникот по Македонски јазик и литература за втора година стручно образование не се опфатени ни 30% од содржините предвидени со програмата.
Дали ваквите состојби се должат на намерни опструкции и обид за целосно уништување на образовниот систем во Македонија или пак на неспособноста на Јетон Шаќири соодветно да го менаџира ресорот што му е поделен е помалку важно. Она што е суштински е фактот дека на учениците во Македонија им е оневозможено соодветно и квалитетно образование.
Извор: ЛЕВИЦА