Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, денеска во своето воведно излагање на објаснувачкиот скрининг за реформа на јавната администрација, истакна дека оваа област ќе биде важна за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ и уште еден предизвик во кластерот Темели.
– Во периодот пред нас ќе мораме да се насочиме кон исполнување на европските барања и стандарди во реформирањето на јавната администрација и подобрување на стручноста на државните службеници, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека професионалноста на јавната администрација е важна, како за исполнување на обврските на европскиот пат, така и за создавање администрација која квалитетно ќе им служи на потребите на граѓаните.
Според вицепремиерот Маричиќ и главен преговарач со ЕУ, сега реформата на јавната администрација е специјално дефинирана како област и е дел од основите на кластерот Темели, само укажува на важноста и значењето што ќе го има за целиот процес.
– Ние сме добро свесни дека неспорно ќе биде од суштинско значење за динамиката на преговорите како целина. Модернизацијата и подобрувањето на државната и јавната администрација треба да се смета како основа на целиот јавен сектор од кој зависи развојот во секое демократско општество, потенцираше Маричиќ на состанокот.
Маричиќ како главен преговарач даде краток осврт на досега реализираното на Северна Македонија во оваа област, изминатите години, посочувајќи дека постојано е присутна политичката поддршка преку работата на Советот за реформа на јавната администрација со која претседава претседателот на Владата на Северна Македонија.
-Формирана е работна група за подготовка на нова стратегија за Pеформа на јавната администрација, за периодот 2023-2030 година. Работната група вклучува претставници од сите засегнати страни, и државни институции и граѓанскиот сектор. Во моментов работиме на текстот на стратегијата, а во октомври ќе се фокусираме на новите активности што ќе бидат дел од акциониот план. Овие два документи ќе бидат донесени до крајот на годината, рече Маричиќ пред претставниците на Европската Комисија.
Маричиќ кажа и дека во месецов од страна на Министерството за информатичко општество и администрација се објавени нацрт-верзиите на законот за вработените во јавниот сектор – Рамковен закон со кој се утврдуваат основите и принципите на вработените во јавниот сектор и законот за административни службеници, потенцирајќи дека очекува, пакетот на двата закони да се донесе до крајот на годинава.
Кластерот Фундаментални вредности има своја тежина од повеќе аспекти, затоа што вклучува области кои за првпат се дел од пристапните преговори како што се функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација и економските критериуми.
Во Брисел, во тек е објаснувачкиот скрининг состанок за реформата на јавната администрација, а според календарот, за денес попладне е предвиден да се одржи и објаснувачкиот состанок за поглавјето 32, Финансиска контрола.
Извор: Влада