Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работна средба со директорката на Централниот регистар Марија Бошковски Јанковски, со која разговараа за унапредување на ефикасноста на процесите на дигитализација во оваа институција.
На состанокот посебно внимание беше посветено на функционирањето на Регистарот за вистински сопственици, кој е важна алатка во борбата против корупцијата, но и за имплементацијата на заложбите од Платформата „Отворено владино партнерство“, каде е дефинирана можноста за објава на податоци за вистинските сопственици на субјектите, кои склучиле договори за јавни набавки на електронскиот систем за е-набавки ЕСЈН.
Беше оценето дека вака дефинираната заложба ќе придонесе за транспарентност на податоците за вистински сопственици, со можност за поголем притисок од јавноста во случај на злоупотреба на системот и унапредување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
На средбата се разговараше и за дигиталните процеси кои се одвиваат во Централниот регистар, при што вицепремиерката Грковска ги поздрави напорите на Централниот регистар да го олесни пристапот на граѓаните до услугите. Вицепремиерката Грковска оцени дека дигитализацијата на процесите во Централниот регистар истовремено ќе овозможи поефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал.
Двете соговорнички се осврнаа и на интероперабилноста, при што беше нагласено дека Централниот регистар активно работи на изнаоѓање на можности за прекугранична интероперабилност на регистрите на вистински сопственици со земјите од Западен Балкан, што ќе овозможи целосна размена на податоци со земјите од Европската Унија. Преку интероперабилност Централен регистар заедно со регистрите од Србија, Албанија, Црна Гора и Република Српска врши размена на податоци од областа на регистрите преку Регионалниот портал на бизнис регистри Бифидекс.
Вицепремиерката Грковска се интересираше и за плановите кои Централен регистар ги има за во наредниот период, при што беше информирана дека од почетокот на наредната година ќе се води нов регистар – Единствениот регистар на трансакциски сметки.
Директорката Бошковска Јанковски информираше дека е инициран проект за Централизирана платформа за евидентирање на издадени лиценци и дозволи со нивната важност, истекот, условите под кои се издава лиценцата/дозволата, како и секоја последователна измена на истата – одземање, продолжување и други промени, информации кои би се интегрирале во Тековната состојба на правните лица, со што би се зголемила транспарентноста на процесот на издавање и одржување на лиценци и дозволи, но и би се збогатиле информациите по однос на самите правни лица и нивните потенцијални деловни партнери.
Извор: Влада