Со Меморандум за разбирање меѓу Министерството за финансии на РС Македонија и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) се воспоставува соработка во полето на макроекономското планирање и управување.
Меморандумот за соработка за спроведување на Проектот за макроекономско планирање и управување во РС Македонија денеска го потпишаа министерот за финансии, Фатмир Бесими и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман.
На средбата министерот Бесими истакна дека Министерството прави значајни напори за реформи во јавните финансии и дека поддршката од Швајцарија е значајна во спроведувањето на тие реформи.
Во рамките на овој проект, преку спроведување на првиот модул, Министерството за финансии ќе може да постави рамка за макроекономско планирање, концепт што ќе овозможи кохерентни анализи на податоци, предвидувања и планирање политики. Глобалниот проект се базира на инструментот на ММФ за финансиско програмирање и политики, а ќе се спроведува преку модуларен пристап. Имплементацијата на проектот е поддржана од експерти од Конзорциумот за имплементација составен од Екорис и ОГ Рисрч (Implementing Consortium formed of Ecorys and OGResearch).
Швајцарската влада, во рамки на Програмата за државен долг и управување со ризици, дава целосна поддршка на активностите спроведени од страна на Министерството за финансии во насока на подобрување на процесот на управување со јавните финансии преку финансирање проектни активности, коишто ќе бидат имплементирани со техничка поддршка од ММФ и СБ.
Инаку, двете земји уживаат активна соработка и во даночната сфера. Минатата година беше потпишан Протоколот за усогласување на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Швајцарија за одбегнување на двојното оданочување согласно новата даночна конвенција на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и стандардите на БЕПС.
Со Протоколот се зајакнуваат постојните одредби за одбегнување на двојното оданочување за данокот на доход и данокот на капитал помеѓу двете земји по однос на размена на информации за даночни цели, со што се овозможува поголема даночна транспарентност и фер даночен третман.
Извор: Министерство за финансии