spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСамостојни органиСамостојни државни органиАХВ: Потврден нов случај на птичји грип

АХВ: Потврден нов случај на птичји грип

Врз основа на лабораториски наод од Ветеринарниот институт при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, Агенцијата за храна и ветеринарство потврди присуство на високо патогена авијарна инфлуенца (птичји грип) во некомерцијално одгледувалиште во населеното место Градец, општина Виница, каде како миленици се одгледувале фазани, пауни, лебеди и потполошки.

Болеста е лабораториски потврдена по угинување на неколку фазани и пауни, по што согласно донесеното Решение за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птици и наредување на заштитни и контролни мерки, заради сузбивање и спречување на ширење на болеста, под надзор на официјален ветеринар, убиени и нештетно отстранети се 55 птици. На одгледувалиштето спроведени се и мерки за чистење, дезинфекција. Земени се и примероци за дополнителни лабораториски тестирања.

Во населените места Градец, Лески и Виница во општина Виница околу одгледувалиштето каде е потврдена болеста, ветеринарните друштва спроведуваат попис на сите одгледувалишта на живина, вклучувајќи ги одгледувалиштата на водни птици и гулабарници. Овде на сила е забрана на движење на живината и други птици во и од одгледувалиштата, освен ако се движат кон кланица по претходно одобрение од официјален ветеринар.

Наредени се мерки за затворање на живината и другите птици во одгледувалишта/живеалишта, за да бидат изолирани од контакт со други птици и живна или диви птици. Наложени се и мерки за следење на движењето на живината и другите птици, месо, јајца, мрши, храна, отпадоци и луѓе кои биле во контакт со заразените птици, или на возилата кои се поврзани со живинарската индустрија и кои може да го рашират вирусот на авијарна инфлуенца.

На сила е и забраната за одржување на саеми, пазари и изложби или други видови на собири на живина или други птици во наведените населени места, како и обновување на популација на диви птици. Забранета е употребата на поилки и на вода за напојување до која пристап имаат дивите птици.

АХВ апелира секоја промена во здравствената состојба на живината и дивите птици, зголемена смртност, или клинички знаци кои укажуваат на болеста авијарна инфлуенца, задолжително да се пријават до надлежниот официјален ветеринар, или надлежно ветеринарно друштво.

Авијарната инфлуенца е зооноза и од неа првенствено заболуваат птиците, но, можат да заболат и луѓето. Болеста се пренесува од птиците на луѓето со близок контакт со заразени птици, или во високо контаминирана средина. Поради големиот потенцијал за инфекција кај луѓето, се препорачува лицата кои работат со или се во контакт со живина за која постои сомневање дека е заразена со оваа болест да носат лична заштитна облека која вклучува и маски за лице, заштитни очила, ракавици и чизми.

Нема докази со кои се потврдува дека консумирањето на термички третирано месо од живина или јајца можат да го пренесат вирусот на авијарна инфлуенца на луѓето.

 

 

 

 

Извор: Агенција за храна и ветеринарство 

Прочитајте

МОН: Јаневска – Францускиот јазик е дел од нашата историја, но...

0
Македонија и Франција се две европски држави со заеднички стремеж кон јакнење на меѓусебната соработка, што континуирано се продлабочува во сите сфери од заемен...