spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСо добивањето на скрининг извештаите, ќе ги добиеме и првите задачи за...

Со добивањето на скрининг извештаите, ќе ги добиеме и првите задачи за Собранието

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешната изјава за медиумите рече дека сега сме во фаза во која товарот за евроинтеграциите го има Владата, но ќе дојде момент кога ќе ги добиеме скрининг извештаите, кога ќе ги добиеме задачите и  кога ќе треба и Собранието да дејствува.

– Драго ми е што вчера неколку закони беа донесени или е започната процедурата во прво чистење за носење на неколку закони коишто долго седеа во Собранието, а беа со европско знаме. Мислам дека тоа е добар прв чекор, повеќе пати упатив и јавна покана, но и во директна комуникација со Националниот совет за евроинтеграции да ги интензивираме работите, комуникацијата и да направиме заеднички план како да се туркаат европските реформи, она што е врзано со скринингот и преговорите преку Собранието, изјави Маричиќ.

Главниот переговарач со ЕУ вели дека Собранието покрај тоа што ќе ги носи законите, ќе може и ќе има прилика и да ги следи преговарачките позиции, да ги дискутира, да влијае на нив.

– Ние сме за тоа како Влада подготвени. Тоа секако креира една атмосфера и за уставните измени, не верувам дека ќе брзаме, но имавме една лидерска средба и мислам дека ќе има серија на средби кои треба да доведат до атмосфера во која нема да дозволиме ние да бидеме пречка за нашиот евроинтегративен пат. Тоа го кажав и претходно, по прв пат во историјата блокадата е во наши раце, додаде вицепремиерот Маричиќ.

На прашањето како се одвива скрининг процесот, Маричиќ рече дека е задоволен од текот на скрининг состаноците и дека на билатералните скрининзи македонскиот преговарачки тим имал детални презентации кои биле пофалени од ексертите од Европската комисија, со многу детални прашања и со многу интензивни прашања.

Маричиќ најави дека од наредната недела започнува билатералниот скрининг за Поглавје 24, за што ќе имаат навистина многу работа и тридневна интензивна агенда со четириесет презентери од областа, од различни институции, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Обвинителство, Судски совет.

Тој објасни дека истото важи и за поглавје 23, кое ќе се случи во првата недела од декември, и практично со тоа ќе се заокружи агендата за оваа година и дека очекува да се одржува ваквото  темпо и да имаат еднакво ниво на подготвеност со сите поглавја.

Вицепремиерот посочи дека треба да го искористиме вниманието што го имаме од европските лидери, од европските институции и од државите членки во наша полза, за да ги отклониме сите пречки, вклучувајќи ги и уставните измени и да продолжиме со преговорите и по ноември 2023 година.

– Процесот на посета на високи функционер на ЕУ ќе продолжи, јас сум убеден дека само може да се развива, кон крајот на овој месец ќе дојде и германскиот претседател во посета. И тој тренд нема да застане и во текот на наредната година. Тоа не е никаков притисок, тоа е внимание коешто е во наша полза. Ние треба да сме свесни дека блокадата е во наши раце и дека од нас зависи како ќе продолжиме понатаму и дали ќе продолжиме, изјави Маричиќ.

За уставните измени рече дека ќе разговараат со сите групи и со сите пратеници и изрази увереност дека не се толку далеку како што може да изгледа од 80, додавајќи дека ќе продолжат средбите за отворање дијалог по ова прашање , кое треба да допре до сите пратеници, до сите парламентарни групи и од опозицијата, но и од владејачкото мнозинство.

– Во оваа фаза сите истакнуваат широк круг на идеи околу уставните измени и тоа е добро, но ќе дојдеме во една фаза за која ќе мора агендата да ја насочиме на она што навистина е потребно за деблокирање. И господинот Трајанов ќе има прилика тогаш да каже под кои услови и дали би ги поддржал уставните измени, но мислам дека освен него никој друг нема изнесено резерви во однос на поддршката, зборуваме за владиното мнозинство, истакна Маричиќ.

 

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте