Усогласување со новата стратегија за здравствена заштита на ЕУ под мотото „Подобро да се спречи отколку да се лечи“ и хармонизирање со новото европско законодавство за официјалните контроли на целокупниот ланец на храната, се двата клучни приоритета на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Како што рече денеска директорот на АХВ Николче Бабовски, кој беше еден од учесниците на панелот за Кластерот 5 – „Ресурси, земјоделство и кохезија“, во организација на Секретаријатот за европски прашања, посветена на годишниот извештај на Европската комисија, целта е Агенцијата да биде препознатлива како институција која е синоним за безбедност на храната.
Подготвен е нов Закон за здравствена заштита на животните кој моментно е во владина процедура, а со неговото донесување ќе се овозможи соодветна рамка за здравјето на животните, подобро спречување, надзор и подготвеност за кризи поврзани со здравствената заштита на животните, значително намалување на потенцијални опасни болести кои предизвикуваат огромни штети, како и нов концепт на здравствена заштита на животните кој е столб во политиката на Европската Комисија, но и во нашите политики поврзани со здравјето на населението и безбедноста на храната,
– истакна Бабовски.
2
Тој како новина го најави и Законот за официјални контроли во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика. Целите на законот се, рече, обезбедување високо ниво на заштита на здравјето на луѓето и животните, но и на животната средина, како и високо ниво на заштита на потрошувачите.
Согласно овој закон, операторите носат одговорност во сите фази на производството, преработката и дистрибуцијата кои се под нивна контрола за обезбедување безбедни производи утврдени со нашето законодавство во областа на земјоделско – прехранбениот синџир,
– подвлече Бабовски.
Пред него на панелот зборуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и директорот на Платежната агенција Никица Бачовски.