Денес во Брисел заврши тридневниот билатерален скрининг за Поглавјето 24, „Правда, слобода и безбедност“ на кој членовите на македонската Работна група ја презентираат позицијата и нивото на усогласеност на правниот систем на Северна Македонија во однос на законодавството на ЕУ, поврзани со судската соработка во граѓански прашања и комерцијалната материја, како и судската соработка во кривичната материја и конфискацијата и замрзнувањето на имот.
– Во оваа област направен и првиот чекор во „забрзување на интеграцијата“. Побаравме Северна Македонија да стане дел од Европската миграциска мрежа, што е доказ плус за добрата подготвеност во оваа област и посветеноста на македонскиот преговарачки тим на процесот, рече Маричиќ, дополнувајќи дека очекува да се продолжи со оваа добра динамика во преговорите со ЕУ.
Главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, смета дека Поглавјето 24 е поглавје каде што со години веќе соработуваме на полето на азил, миграции и визен режим и тврди дека иако сме прилично успешни во усогласувањето ова е поглавје, ова е област во која брзо се менуваат работите.
Според Маричиќ кризата од 2015 и 2016 година со мигрантите и кризата поврзана со Украина покажа дека имаме усогласеност и соработка со ЕУ, а круна на таа соработка е Договорот од ФРОНТЕКС, којшто неодамна беше потпишан во Скопје и којшто ги регулира прашањата околу одбрана на европската граница од несакани и недозволени миграции на долг рок.
„Забрзана интеграција“ е новиот елемент која овозможува учество на земјите кандидатки во ЕУ законодавството, пред самото пристапување во ЕУ. Во рамки на презентирањето на билатералните состаноци, земјата може да пројави интерес за учество во acquis-то како на пример: учество во програми на Унијата, експертски групи, работните групи и формати, ИТ системи, размена на информации, како во случајот со учеството и примената на КОВИД сертификатот, појаснуваат од Секретаријатот за европски прашања.
Изминатите три дена членовите на Работната група за преговори низ 56 излагања, на 12 теми, поврзани со миграцијата, азилот, судска соработка во граѓански прашања, соработка во областа на борбата против дрогата, соработка во областите на царината, визната политика, полициската соработка и борбата против организираниот криминал, соработката меѓу единиците за финансиско разузнавање, судската соработка во кривичната материја, борбата против тероризам, визен режим, фалсификување и надворешни граници.
Претставниците на Работната група за Поглавје 24, „Правда, слобода и безбедност“ доаѓаат од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Министерство за внатрешни работи, Министерство за правда, Министерство за одбрана, Министерство за надворешни работи, кое е надлежна институција за ова поглавје, Министерство за здравство, Јавно обвинителство, Народна банка, Управа за финансиско разузнавање и Секретаријат за европски прашања.
Билатералниот скрининг продолжува на први декември за Поглавје 23, „Правосудство и фундаментални права“, кое заедно со Поглавје 24 е клучно за понатамошниот тек и динамика на преговорите за пристапување во ЕУ.
Извор: Влада