За да можат полесно да се справуваат со предизвиците поврзани со инклузијата, 15 директори од основни и 15 од средни училишта поминаа низ обука во рамки на Проектот за зајакнување на капацитетите на директорите за градење инклузивна училишна култура, што во изминатите две години го имплементираа Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и на Македонскиот центар за граѓанско образование МЦГО и 7 меѓународните организации. Заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, на завршниот настан на проектот, рече дека градењето училишта во кои секое дете се чувствува добредојдено, каде учениците си помагаат меѓусебно а наставниците соработуваат во реализација на програмите, училишта во кои родителите се партнери во реализацијата на воспитно-образовниот процес а локалните власти стратешки делуваат за подобрување на образованието, е приоритетна цел како на Министерството за образование и наука така и на Владата.
„Улогата на директорите во целиот овој процес е суштинска, и токму тоа е значењето на овој проект. Верувам дека насоките за натамошно јакнење на инклузивните капацитети, кои се резултат на Проекот, ќе бидат вградени во идните политики на Министерството и ќе придонесат за создавање училишта по мерка на секое дете, како услов за поквалитетно и посовремено образование“, посочи Алиу, додавајќи дека Министерство посветено работи на создавање систем на образование заснован на недискриминација, почитување на различностите и инклузивно образование.
Во изминатиот неколкугодишен период, МОН ги интензивираше промените на националниот образовен систем со цел да се приближи до европските, кои продуцираат квалитетни кадри но истовремено не оставаат деца надвор од системот. Заменик министерот наведе дека се изработуваат нови наставни програми, се изготвуваат нови учебници, се зголемуваат капиталните инвестиции, а сите активности носат печат на инклузивност.
„Образовните установи добиваат средства за реконструкција само ако се пристапни, ангажираме образовни асистенти како системско решение и секоја година нивниот број се зголемува. Во делот на средното образование, изработена е првична верзија на целосно нов закон, а формирана е и работна група за Закон за високото образование. Системски ги решаваме предизвиците поврзани со децата кои ја имаат надминато возраста, за што предложивме измени на Законот за образование на возрасните“, потенцираше Алиу.
Поаѓајќи од ставот дека инклузијата нема граници, заменик министерот Алиу рече дека целта на сите чинители на образовниот процес е една – квалитетно образование кое на секое дете, согласно неговите потреби и можности, ќе му овозможи да го постигне својот максимум, како неодминлив услов за зајакнување на човечкиот капитал и градење попросперитетна иднина на сите граѓани.