Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска вчера во Стразбур имаше средба со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со која разговараше за предизвиците со кои се соочува Европа и членките на оваа организација во однос на демократијата, владеењето на правото и човековите права.
Вицепремиерката Грковска оцени дека Северна Македонија, како и сите земји во регионот, се соочува со економска и енергетска криза, но нагласи дека како држава не смееме да дозволиме тоа да влијае на развојот и на почитувањето на демократските принципи и принципите на добро владеење.
Генералната секретарка Пејчиновиќ Буриќ ги поздрави напорите и посветеноста вицепремиерката Грковска и на Владата на Северна Македонија во промовирање и почитување на вредностите за кои се залага Советот на Европа, како што се доброто управување, владеењето на правото, антикорупциските политики и промоцијата на демократијата и човековите права.
Вицепремиерката Грковска се осврна и на иницијативата на која работи нејзиниот Кабинет, а тоа е во Република Северна Македонија, во соработка со Советот на Европа да се формира Центар за добро владеење. Овој Центар би бил сличен на Центарот за експертиза на Советот на Европа, кој им помага на земјите членки на Европската Унија да ги имплементираат принципите на добро владеење на сите владини нивоа и да ги промовираат европските стандарди и добри практики на сите нивоа.
Генералната секретарка Пејчиновиќ Буриќ целосно ја поддржа оваа иницијатива и нагласи дека го охрабрува процесот за соработка со Советот на Европа, во делот на воспоставување на Центар за добро владеење.
Двете соговорнички разговараа и за четвртиот Самит на Советот на Европа, што во мај наредната година ќе се одржи во Рејкјавик, а чија цел е да ја зајакне улогата на Советот на Европа, но и ќе овозможи да се отпочне процес на реформи кои ќе ја зајакнат улогата на земјите членки во унапредувањето на демократијата и почитувањето на човековите права.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за поддршката што Советот на Европа и ја дава на Република Северна Македонија преку „Проектот за економски криминал“, кој меѓу другото го вклучува и подготовката на Законот за потекло на имот.
Извор: Влада