Република Северна Македонија првпат ќе воспостави регионални системи за управување со цврст отпад по европски стандарди.
Средствата ги обезбеди Министерството за финансии, а проектот ќе се имплементира преку Министерството за животна средина и просторно планирање. За реализација на овој проект, денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој. Средствата се обезбедени од ЕБОР, ЕУ, Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).
„Денеска, со нашите партнери Европската Унија и Европската банка за обнова и развој, потпишуваме Договор за заем помеѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР, како и Проектен договор помеѓу МЖСПП, како имплементатор на проектот, и ЕБОР. Со овие договори Владата на РС Македонија обезбедува 55 милиони евра заем по поволни услови од ЕБОР. Дополнително, од ЕУ е обезбеден грант од 24,8 милиони евра, од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) приближно 9 милиони евра грант и уште 1 милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA)“, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека оваа инвестиција е од клучно значење за позелена и одржлива иднина на Република Северна Македонија и истата ќе придонесе не само за намалување на загадувањето, што е врвен приоритет за нашите граѓани, туку ќе биде и поттик за развој на нови проекти во областа на циркуларната економија, како и придонес за регионален развој.
Средствата ќе се искористат за воспоставување регионални системи за управување со отпад по европски стандарди. Ќе бидат опфатени Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот Регион. Со овој проект Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направат значајна промена во управувањето со цврстиот отпад.
Проектот е во насока на спроведување на целите и политиките на Владата на РС Македонија, насочени кон промовирање одржлив систем за управување со отпад.
Извор: Министерство за финансии