spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Европски систем за управување со цврст отпад, значаен за намалување на...

МФ: Европски систем за управување со цврст отпад, значаен за намалување на загадувањето

Република Северна Македонија првпат ќе воспостави регионални системи за управување со цврст отпад по европски стандарди.

Средствата ги обезбеди Министерството за финансии, а проектот ќе се имплементира преку Министерството за животна средина и просторно планирање. За реализација на овој проект, денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој. Средствата се обезбедени од ЕБОР, ЕУ, Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) и Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA).

„Денеска, со нашите партнери Европската Унија и Европската банка за обнова и развој, потпишуваме Договор за заем  помеѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР, како и Проектен договор помеѓу МЖСПП, како имплементатор на проектот, и ЕБОР. Со овие договори Владата на РС Македонија обезбедува 55 милиони евра заем по поволни услови од ЕБОР. Дополнително, од ЕУ е обезбеден грант од 24,8 милиони евра, од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO) приближно 9 милиони евра грант и уште 1 милион евра од Шведската агенција за меѓународна соработка за развој (SIDA)“, рече министерот Бесими.

Тој потенцира дека оваа инвестиција е од клучно значење за позелена и одржлива иднина на Република Северна Македонија и истата ќе придонесе не само за намалување на загадувањето, што е врвен приоритет за нашите граѓани, туку ќе биде и поттик за развој на нови проекти во областа на циркуларната економија, како и придонес за регионален развој.

Средствата ќе се искористат за воспоставување регионални системи за управување со отпад по европски стандарди. Ќе бидат опфатени Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот Регион. Со овој проект Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направат значајна промена во управувањето со цврстиот отпад.

Проектот е во насока на спроведување на целите и политиките на Владата на РС Македонија, насочени кон промовирање одржлив систем за управување со отпад.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии 

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...