Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде беше во обиколка на оваа високообразовна институција.
Премиерот ги посети двете лаборатории на универзитетот, како и реконструираниот амфитеатар во рамките на објектот, а беше во посета и на спомен собата на Гоце Делчев, во Ректоратот на Универзитетот.
Една од лабораториите наречена АМБИКОН, која функционира две децении, преку проект поддржан од Министерството за образование и наука се модернизира со нова напредна опрема за земање на примероци од аеросоли во амбиентен воздух и издувни гасови, како и нивна детална анализа со нова генерација на електронски микроскоп со ултра висока резолуција.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:
„Образованието е еден од главните столбови на секоја држава, без кое не може да се гради здраво, демократско и просперитетно општество.
За да може да имаме едно такво општество кое се базира на стабилни темели, потребно е и да инвестираме во него и постојано да го надоградуваме за да градиме просперитет за сите нас.
Преку поддршката за модернизација на лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“, која се издвојува со својот научно-истражувачки потенцијал во национални меѓутоа и меѓународни рамки, како Влада, ја истакнуваме нашата заложба за поддршка на проектите и инвестициите од областа на науката.
Лабораторијата располага со опрема која е наменета за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиенталниот воздух во реални услови и реално време, како и на утврдување на нивото на персонална експозиција на одделни штетности.
Со новата опрема, лабораторијата АМБИКОН се осовременува и надополнува, а со тоа и се зголемуваат нејзините можности и опсегот на мерењата за кои е специјализирана, што е уште една предност, покрај тоа што ќе нуди збогатување на знаењата на студентите и општата јавност.
Инвестирањето во лабораторијата АМБИКОН не е само вложување во опрема.
Многупати досега сум зборувал на темата образование и секогаш кога зборувам на оваа тема, зборувам со голема доза на ентузијазам бидејќи верувам дека вложувањето во образованието е и вложување во иднината.
Со други зборови, би сакал да нагласам дека преку инвестициите како што е оваа, инвестираме во нашите сегашни и идни генерации, инвестираме во науката, во образованието или да сублимирам-инвестираме во иднината на нашата држава.
Лабораторијата АМБИКОН е една од најсовремените и најопремени лаборатории во целиот регион и среќен сум што нашите професори практично обучуваат научници, студенти меѓутоа и институции од околните држави.
Тоа од една страна претставува задоволство да се одобрат инвестиции во истата, кажа и ректорот Дејан Мираковски. Владата одобри 300.000 евра, остатокот од 100.000 евра беше за вложување од УГД – Штип.
Тоа е начинот на кој се гради основа за понатамошни научни истражувања.
Оваа лабораторија има можности и за надоградување, веќе разговаравме и со ректорот и со професор Боев во однос на можностите за финансирање или идно надоградување во иднина ќе направиме се за нејзината опременост да се зголеми и со тоа да се прошири опсегот на квантитативните и квалитативните истражувања кои може да ги прави во други области кои исто така ќе ја зголемат можноста, но и престижот и на лабораторијата и на факултетот и на целиот универзитет и на нашата држава.
Во неколку наврати досега сум нагласил дека: „Образованието е она што останува, откако ќе се заборави наученото во училиште“.
Образованието не може и не треба да се сведе само на она што ние како лекција ќе им го пружиме на младите во текот на образованието, туку и вредностите кои им ги пренесуваме.
На тој макотрпен пат, од нас зависи дали ќе успееме да создадеме генерации, кои ќе ги опсервираат нештата низ критичка призма и ќе носат одлуки базирани на факти со цел да создадат подобри услови за квалитетен живот.
Токму затоа, нашите политики се засноваат на потребите на младите.
Како Влада, освен што инвестиравме во зајакнување на техничките капацитети во образованието, вложуваме и во квалитетот на образованието.
Од вкупниот буџет за научно-истражувачка дејност за 2023 година, најголем дел се предвидени за национални научно-истражувачки проекти, потоа се планира поддршка на научни трудови, организирање научни собири, учество на домашни истражувачи на меѓународни научни собири во странство, студиски престои во странство и престој на странски научни истражувачки тимови во Република Северна Македонија, како и надоместок за средства за објавени научни трудови во списание со импакт фактор.
Понатаму, секоја година се доделуваат стипендии за учениците од средните училишта, како и за универзитетските студенти, на различни основи, како на пример, врз основа на приходите или академскиот успех.
Веќе една година како воведовме стипендии за третиот циклус на студии во научните области од природните науки, математиката и техничко-технолошките науки.
За годинава се предвидени 50 стипендии за студии од втор циклус во земјата од областа на природно- математичките и техничко-технолошките науки со месечна стипендија од 9.000 денари за девет месеци во годината.
Планирани се и 15 стипендии за студии од трет циклус во земјата од областа на природно – математичките и техничко-технолошките науки, со месечна стипендија од 18.000 денари во текот на целата година.
Предвидени се и стипендии и уписнини за студии од втор и трет циклус во странство според Шангајската ранг листа, како и еднократен надомест за одбрана на магистерски и докторски трудови.
Додека, најголемите остварувања во областа на науката се потврдуваат со доделување на државната награда „Гоце Делчев“.
На крај би сакал да истакнам дека може да се набројат голем број на активности кои Владата ги прави и ги презема со цел за поддршка на науката и поттикнување на младите луѓе да го развијат сопствениот интелектуален потенцијал.
Сето ова го правиме бидејќи веруваме во капацитетот кој младите луѓе го носат со себе. Тие се движечка сила на општеството.
Затоа, ќе направиме се за да можеме да создадеме поволен амбиент за развој на научно-истражувачките можности за младите генерации“.
Извор: Влада