Вчера во Брисел започна билатералниот скрининг состанок за Поглавјето 1, „Слободно движење на стоки“, кое е дел од вториот кластер „Внатрешен пазар“.
Делегацијата на Северна Македонија ја предводи заменичката на главниот преговарач на Република Северна Македонија со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили која го посочи напредокот и спроведените реформи во ова поглавје, со конкретни активности.
„Со почитување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), од 2009 година донесовме сеопфатна хоризонтална Стратегија за слободно движење на стоки и целосно имплементиравме Акционен план за усогласување со членовите 34-36 од ТФБЕ, кои резултираше со вкупно 42 правни акти кои беа идентификувани како мерки со еквивалентно дејство на квантитативни ограничувања кои беа укинати или изменети до 2016 година. Во моментов, со поддршка на техничката помош на ЕУ, во рамките на ИПА проектот „Зајакнување на внатрешниот пазар“, започнавме со подготовка на нова Стратегија, ажурирана со најновото европско законодавство и продолживме со сеопфатен преглед на законодавството релевантно од гледна точка на предизвикување нецарински пречки во трговијата, со цел да се подготви нов акционен план со рокови за отстранување на овие пречки“ – истакна меѓу другото во својот говор заменичката на главниот преговарач Дрита Абдиу-Халили.
Таа исто така укажа дека имаме уште за работа во областа на ова поглавје и дека се потребни посуштински реформи, потенцирајќи дека несомнено отворањето на поглавјата за време на преговорите за полноправно членство во ЕУ, како и континуираната поддршка од Европската комисија, ќе го дадат потребниот поттик за подлабоко и повеќе ефикасно спроведување на реформите во однос на слободното движење на стоки.
Слободното движење на стоки е една од четирите основни слободи на ЕУ. Принципот на слободното движење на стоки значи дека производите произведени во земја членка на Европската Унија можат слободно да циркулираат во други држави во рамките на единствениот пазар на ЕУ.
Единствениот пазар на ЕУ е основан пред 30 години, има 415 милиони потрошувачи и сочинува 18% од глобалната економија. Трговската размена на стоки меѓу Северна Македонија и Европската Унија зафаќа вредност повеќе од 10 милијарди евра, односно 5,2 милијарди евра увоз на стоки од земјите на ЕУ и 5 милијарди евра извоз на стоки од нашата земја во земјите на Европската Унија.
Усогласеното европско законодавство за производи, кое треба да се транспонира, го претставува најголемиот дел од acquis. Повеќе од суштинско значењето да се има доволен административен капацитет за известување за трговските ограничувања и спроведување хоризонтални и процедурални мерки во областите како што се стандардизација, оцена на сообразност, акредитација, метрологија и надзор на пазарот.
Презентациите на преговарачкиот тим за Поглавјето 1, „Слободно движење на стоки“ ќе продолжат во следните четири дена, додека пак во петок започнува билатералниот скрининг за Поглавје 4, „Слободно движење на капитал“.