Во периодот од 14 до 16 февруари 2023 година, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски престојуваше во работна посета на Француската Република.
На 14 февруари 2023 година, во Париз се одржаа билатерални политички консултации меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, предводени од државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски и директорот на Директоратот за континентална Европа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Фредерик Мондолони.
Соговорниците изразија задоволство од динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу Северна Македонија и Франција, со кој се зацврстува севкупната билатерална политичка и економска соработка, како и взаемна поддршка во мултилатералните односи, со заложби за натамошно интензивирање и продлабочување на дијалогот на сите можни нивоа помеѓу двете држави и општества.
Во фокусот на средбата беше тековниот пристапен процес на Северна Македонија во ЕУ и недвосмислената поддршка на Француската Република на евроинтеграцискиот пат на нашата земја. Ваквата заложба е видлива во напорите на Француската Република во рамки на дијалогот со соседна Бугарија и надминување на предизвиците во односите меѓу двете земји. Во овој контекст, ДСек Тосевски изрази благодарност за ангажманот на Франција во рамки на претседателството со Советот на Европската унија, што резултираше со одржување на Првата меѓувладина конференција на ЕУ и Северна Македонија. Директорот Мондолони подвлече дека Франција засилено ќе продолжи да го поддржува реформскиот процес на нашата земја во сите клучни области. Стана збор и за идеи за унапредување на соработката во рамки на Европската политичка заедница.
На средбата, соговорниците се осврнаа и на развојот на економските односи меѓу Северна Македонија и Франција, во чие светло беше поздравена и најголемата француска гринфилд инвестиција во Северна Македонија за изградба на соларен парк на „Акуо Енерџи” и активностите со Француската агенција за развој, кои можат да поттикнат нови понатамошни француски инвестиции, со што уште еднаш се реафирмира интересот за натамошно унапредување на одличната економска соработка меѓу двете држави.
Двете страни се осврнаа на соработката и во доменот на одбраната, безбедноста, културата и мултилатералната димензија. Беа разменети мислења и за сите актуелни меѓународни и регионални прашања како Берлинскиот Процес, иницијативата Отворен Балкан, Европската политичка заедница, како и за соработката и предизвиците во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023.
Исто така, делегацијата предводена од државниот секретар Тосевски оствари средба и со советничката за Европа на претседателот на Француската Република Емануел Макрон, Гаранс Пино. На средбата се разменија ставови за пристапниот процес на Република Северна Македонија, како и за актуелните внатрешно-политички случувања во државата. Советничката Пино изрази силна поддршка на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија.
На средбата во Секретаријатот за европски прашања при канцеларијата на премиерката на Франција, со директорката на Одделот за соседство, проширување и одбрана се дискутираше за начините за споделување на искуствата со Европската Унија, како и соработка на конкретни проекти.
Во Националното собрание на Француската Република, македонската делегација се сретна со групата за пријателство со Северна Македонија предводена од претседателката Лилиана Танги. Се разговараше за актуелните прашања околу евроинтеграцискиот процес и внатрешно-политичките случувања во државата за модалитети за продлабочување на парламентарната и соработката помеѓу двете држави.
Во Сенатот на Француската Република, македонската делегација се сретна со членовите на групата Франција-Западен Балкан, на чело со претседателката Марта де Сидрак, кои покажаа интерес за европската перспектива и актуелните случувања поврзани со Северна Македонија и регионот на Западен Балкан, и изразија силна поддршка за унапредување на соработката меѓу двете држави.
На средбата со Кристоф Најдовски, заменик-градоначалник на Париз, стана збор за можностите на соработка и споделување искуства помеѓу главните градови на двете држави, особено во поглед на зелените политики, но и со другите општини во Северна Македонија.
На средбата во Француската развојна агенција беше соопштено дека се планира да обезбеди развојна помош во инвестициони проекти во износ од околу 50 милиони евра. Се очекува дефинирање на аранжманите и модалитетите на реализација и достава на предлог-проекти за финансирање.
На маргините на работната посета беа остварени повеќе средби и со претставници на тинк-тенкови и млади од Франција на кои се говореше за внатрешно-политичките состојби во Европската Унија и земјите од Западен Балкан евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, а со акцент на пристапниот процес на Северна Македонија.