Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на конференцијата „Украина – година на хероизмот“, изјави дека силно ја осудува руската воена агресија и насилство врз Украина и изрази почит и восхит на храброста, силата, истрајноста и љубовта со кои Украинците ја бранат својата земја.
– Херојството и борбеноста која ја покажуваат Украинците во изминатите 365 дена нè задолжи сите на праведност, солидарност и обединување, како единствен одговор на воениот напад врз Украина и на тиранијата на тоталитаризмот на Путин, рече Маричиќ.
Маричиќ додаде дека со огласувањето на сирените за воздушен напад во главниот град на Украина, Киев, на 24 февруари 2022 година со почетокот на руската воена инвазија на Украина, светот се променил преку ноќ, а Европа-„оазата на мирот“, стана сведок и поле на жестока војна.
– Никој не очекуваше дека и во 21 век, ќе треба да бираме страна и ќе треба да застанеме во одбрана на суверенитетот на некоја европска држава, европските вредности и темелните човекови права, потенцирајќи дека бруталната руска воена агресија врз Украина е доказ дека геополитиката не препознава грешки.
Според вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ рускиот напад на Украина е напад на европските вредности и затоа за Северна Македонија како што вели Маричиќ беше лесно да се избере страна и први 100% да се усогласиме со надворешната политика на Европската Унија, со што уште еднаш потврдивме дека стоиме заедно со своите евроатлантски партнери, како членка на НАТО и сега како земја преговарач со ЕУ и најсилен аспирант за полноправно членство во европското семејство.
– Почетокот на руската агресија врз Украина ни покажа дека нашиот заеднички европски континент можеме да го одржиме силен, стабилен, отпорен само преку обединување и сојузништво. Северна Македонија останува во борбата против агресијата, непочитувањето на меѓународното право и против оние кои имаат за цел да го ограничуваат и нарушуваат суверенитетот на независни држави, како што е Украина, посочи Маричиќ на конференцијата.
Маричиќ потврди дека нападот на Украина бел доволна причина за вклучување на алармот во Европската Унија и отворање на прашањето за иднината на Европа, но и на регионот, кој е мета на надворешни влијанија и пропаганди.
– Украина го привлече вниманието на геополитичката важност на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Очигледно е дека со отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Европската унија ја активира политика на проширување. Со тоа уште еднаш ЕУ потврди дека сè уште е политички и мировен проект, многу повеќе од само економски проект и заеднички пазар, објасни вицепремиерот.
За Маричиќ регионот и Европа се пред еден голем тест на кој заеднички треба да одговорат за крајно обезбедување стабилност и безбедност на европскиот континент, укажувајќи дека иако не се гледа крајот на руската агресија верува во „добрата волја“ и во силата на дипломатијата, за ставање крај на крвопролевањата.
Тој на крајот кажа дека многу пати до сега бил прашан дали постои друга држава освен Северна Македонија која направила повеќе жртва за обезбедување на европска иднина и одбрана на својот идентитет, и дека тоа е само Украина.
Денешната конференција која се одржа по повод годишнина од инвазијата врз Украина, тема „Украина – година на хероизмот, беше организирана од невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода и Амбасадата на Украина во Македонија.
На истата свои обраќања имаа и претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Извор: Влада