35 студенти од Италија заедно со свои професори од факултетот за архитектура Политехнико од Торино, придружувани од зам. Амбасадорот на Италија во Македонија, Марио Де Роса, ја посетија Општина Кисела Вода.
Заинтересирани за Меѓународниот конкурс за идејно решение за Расадник, дојдоа лично да ја разгледаат оваа градска четврт и да се информираат за некои поединости околу конкурсот.
Како што информираше нивниот професор, Алесандро Армандо тие се студенти на четврта година, еден цел семестар ќе го обработуваат Расадник, па оваа посета има непроценливо значење за нив, како идни архитекти и можни апликанти на конкурсот.
Секако, за конкурсот е заинтересирана и стручната јавност од Италија. На самиот почеток, гостите ги поздрави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, им се заблагодари за интересот и ја истакна важноста на овој меѓународен конкурс за жителите на општината и нивните очекувања, оваа урбана заедница да добие лик кој ќе ја идентификува како хуман кварт за живеење.
– Распишаниот Меѓународен кокурс за идејно решение за градската четврт Расадник е еден од еклатантните примери за нашиот начин на работа, како ново раководство на Општина Кисела Вода. Со доследно почитување на законската рамка, во целосно транспарентен процес, со вклученост на жителите, со меѓународна жири комисија, го бараме идејниот лик за оваа градска четврт, која е сместена во централното јадро на Кисела Вода. Верувајќи дека ќе добиеме стручно естетско решение кое ќе ги задоволи потребите на нашите жители во еколошка, урбанистичка и хумана смисла, за оваа постапка побаравме и добивме поддршка од целата стручна заедница во Македонија, а се надевам дека интересот да се учествува ќе биде голем и кај меѓународната јавност. Впрочем, многу ни значи и вашата денешна посета на која ќе можете да се запознаете со деталите на конкурсот, ќе можат да бидат одговорени прашања околу евентуални нејаснотии, и сево ова не од мене, туку од стручните лица кои се дел од комисијата и се тука присутни. Јас како градоначалник, сакам овој процес да биде целосно ослободен од било какви можни влијанија, сосема транспарентен и чист, и затоа, од самиот почеток, до самиот крај, решив да се изоставам-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, кој потоа, седеше во публиката и ја следеше дикусијата водена од декан на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, други претставници на жири комисијата и гостите од Италија и од италијанската Амбасада во Македонија.
Во текот на дискусијата, беа претставени потенцијалите на оваа градска четврт, програмските насоки кои треба да им бидат смерница на учесниците на Меѓународниот конкурс за изработка на идејното решение за Расадник, како што се постоење на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина…
На прашањата од италијанските гости, одговараше деканот на Архитектонскиот факултет-Скопје, Огнен Марина, како и други стручни лица кои се дел од жири комисијата.
Меѓународен конкурс за идејно решение за ДУП за Расадник, е поддржан и од УНДП. Оваа организација ќе даде стручна поддршка, ќе го промовира преку своите меѓународни канцеларии и ќе обезбеди поголема транспарентност преку вклучување на набљудувачи во целиот процес. Сево ова во рамките на проектот со кој ќе се одбележи јубилејот од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Распишаниот Меѓународен конкурс за идејниот лик на Расадник e реобјавeн со неколку измени во насока на олеснување на процесот за конкурирање. Не е поставен лимит за пристигнати трудови, студентите можат да конкурираат без проектантско биро, а конкурсните документи може да се испратат до општината преку електронски медиум (CD или USB). Општина Кисела Вода ги поканува сите заинтересирани стручни лица и студенти и од Македонија, но и од светот, да дојдат, или да пишат доколку имаат некакво прашање, стручните служби се тука да им помогнат, да им објаснат, се со цел да нема никави администативни бариери кои би можеле да попречат ако некој сака да учествува на овој Меѓународен конкурс. Истиот е отворен до 03 јули 2023.
http://www.kiselavoda.gov.mk/index.php/component/content/article/8-soodrzina/3559-33333
Извор: Општина Кисела Вода