Врз основа на член 16 ставови (2) и (3) од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16, 20/19, и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/19, 153/19, 180/19, 275/19, 77/21, 122/21, 178/21, 150/22 и 236/22), а во врска со Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/2023 од 13.02.2023 година), Интерна процедура за постапката на планирање, подготвување, реализација на програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција како и постапката за реализирање на финансиските средства до извршителите на активностите од програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција финансирана од Буџетот на РСМ од 2023 година и Одлуката за спроведување jавен повик за избор на здруженија и доделување средства на здруженија коишто ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година, Министерството за здравство објавува
ЈАВЕН ПОВИК
I. Предмет на јавниот повик:
Избор на здруженија и доделување на средства на здруженија коишто ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година (Сл. весник на РСМ бр. 32/2023 од 13.02.2023 година).
II. Договорен орган:
Министерство за здравство, со седиште на адреса: ул. „50 Дивизија“ бр.14, 1000 Скопје, телефон +389 2 3 11 25 00, интернет страна: www.zdravstvo.gov.mk
Лице за контакт кај Договорниот орган – Александра Ристовска Евтимова , телефон +389 2 3 11 25 00, факс +389 2 3 11 30 14, електронска пошта aleksandra.evtimova@zdravstvo.gov.mk
III. Времетраење на договорот
Договорите склучени помеѓу Министерство за здравство и избраните здруженија се склучуваат на определено време, заклучно со истекот на фискалната 2023 година.
IV. Трошоци кои ќе се финансираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година:
V. Услови за учество на Јавен повик
За да учествуваат во постапката на Јавен повик за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија коишто ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година, заинтересираните здруженија мора да ги исполнуваат следните услови за утврдување на нивната способност и да достават доказ за истите и тоа:
Задолжителна документација за учество во Јавен повик
– Компјутерски пополнет унифициран образец, потпишан од застапникот на здружението и заверен со печат на здружението (на пропишаниот образец кој е составен дел на јавниот повик);
– Детален финансиски план (доставен како посебен документ);
– Тековна состојба од Централниот регистар (не постара од 6 месеци);
– Копија од Статутот на здружението;
– Програма за работа или стратешка рамка на здружението;
– Копија од последна завршна сметка (2022 година);
– Доказ за реализирани најмалку три проекта, односно еден повеќегодишен проект, во вкупно траење не помало од три години за давање стационарни и/или теренски услуги за превенција и поддршка во врска со ХИВ помеѓу клучни популации, самостојно или во партнерство (копија од склучен/-и договор/-и за спроведување на проект и копија од извештаи за реализација)
– Доказ за исполнување на соодветни кадровски услови: изјава на здружението за ангажиран персонал; професионална биографија на лицата кои ќе бидат ангажирани во реализација на проектот (на пропишаниот формулар кој е составен дел на јавниот повик);
– Најмалку едно мислење/референца од партнери или донатори за реализација на претходни проекти;
– Писмена поддршка од други организации или институции за кои е планирано да земат учество во реализацијата на проектот (доколку проектот се спроведува во партнерство со друга организација/ институција).
VI. Вид на активности кои ќе бидат поддржани
Во рамките на овој Јавен повик финансиски ќе бидат поддржани програмски активности во следниве области на делување:
- Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за МСМ во Скопје, Тетово, Охрид, Штип и Струмица
Со оваа програма се предвидуваат да се опфатат вкупно 2700 лица со основен пакет на услуга (кондом, лубрикант и едукативен материјал); активностите што ќе се финансираат треба да бидат насочени кон зголемување на опфатот на оваа целна популација, активности поврзани со функционирање на советувалиште во Скопје: директно советување, преку инфо-линија и веб-портал, психосоцијална поддршка, како и стационарни и теренски услуги од теренски работници и едукации за ХИВ во Скопје, Тетово, Охрид, Штип и Струмица. Активностите во оваа област треба да вклучуваат и примена на алатки за комуникација, вклучувајќи и иновативни пристапи за поголема мобилизација на припадниците на целната група во користење на услугите за превенција и ХИВ-тестирање.
За оваа област на делување се издвоени вкупно 2.500.000,00 денари со вклучен ДДВ.
- Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за ЛИД во Скопје, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица, Гевгелија, Велес, Прилеп, Кичево, Тетово, Струга, Кавадарци, Штип и Куманово
Со овие програми е предвидено да се опфатат со основен пакет на услуга (сет од една игла и еден шприц, кондом и едукативен материјал) вкупно 2900 лица од целната популација, во рамките на веќе воспоставени програми за намалување на штетите од употреба на дроги, односно програми за размена на игли и шприцеви, дистрибуција на кондоми, лубриканти и информативно-едукативно материјали, стационарни и теренски услуги од теренски, социјални и медицински работници, психосоцијална поддршка, едукации за ХИВ, мотивација за третман на зависност и други активности во: Скопје, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица, Гевгелија, Велес, Прилеп, Кичево, Тетово, Струга, Кавадарци, Штип и Куманово.
- Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за СР во Скопје (2), Гостивар, Тетово, Охрид, Битола, Струмица и Гевгелија
Со овие програми е предвидено да се опфатат со основен пакет на услуга (кондом, лубрикант и едукативен материјал) вкупно 900 лица од целната група, во рамките на веќе воспоставени стационарни и теренски програми со вклучени теренски и социјални работници, врснички едукации и други активности во: Скопје (2), Гостивар, Тетово, Охрид, Битола, Струмица и Гевгелија.
За оваа област на делување издвоени се средства во вкупен износ од 3.669.000,00 денари со вклучен ДДВ.
- Позитивна превенција и психосоцијална поддршка кај лица со ХИВ и нивни партнери со превенција кај МСМ
Активностите опфаќаат услуги за превенција фокусирана на лицата што живеат со ХИВ и нивни партнери и за поддршка во рамките на заедницата (врсничко советување, социотерапевтски групи, обуки за позитивна превенција, придружба и помош во пристапот до здравствени услуги и до терапија, помош во домашни или болнички услови, информативно-едукативни материјали); психосоцијална поддршка (советување, покривање на трошоци за пат за подигнување на терапија и за медицинска контрола за ХИВ, доделување помош од основни прехранбени и хигиенски производи, помош на немоќни или хоспитализирани пациенти, поврзување со институции и со услуги на други здруженија); обуки за едукација и сензитивизација на здравствени работници во врска со ХИВ за намалување на дискриминацијата во здравствениот сектор; продуцирање на едукативен материјал; активности за подигнување на јавната свесност, нормализирање на услугите за ХИВ во јавноста и за мобилизирање поголема општествена поддршка. Оваа програма исто така вклучува и опфат на лица од целната популација на мажи што имаат секс со мажи со основен пакет и со ХИВ-тестирање и советување. Со услугите за позитивна превенција и поддршка во рамките на заедницата предвидено е да се опфатат најмалку 80 лица што живеат со ХИВ, од кои барем 30 нови (опфатени по прв пат), најмалку 100 лица со ХИВ-тестирање и советување и најмалку 100 лица лица со услуги за советување и поддршка при користење на предекспозициска профилакса.
За оваа област на делување издвоени се средства во вкупен износ од 650.000,00 денари.
- Активности за теренско и стационарно ХИВ тестирање и советување кај клучните популации
Оваа програма вклучува активности поврзани со стационарно и теренско советување и тестирање, вклучително и самотестирање; обезбедување материјали за тестирање, следење на тестирањето и собирање податоци за теренското и стационарното тестирање за ХИВ во сервисите на здруженијата за клучните популации на национално ниво; дистрибуција на кондоми, лубриканти и едукативни и информативни материјали; активности за мобилизација на лица од засегнатите заедници, активности за зголемување на свеста за ХИВ тестирањето и јакнење на капацитетите на давателите на услуги за ХИВ тестирање. Предвидено е да се опфатат 900 лица (мажи што имаат секс со мажи – 400 лица, лица кои инјектираат дроги – 250 лица, сексуални работници – 250 лица) со основен пакет на услуга (пред-тест советување, тестирање со брз тест за ХИВ и пост-тест советување) во Скопје и уште 13 градови низ државата: Тетово, Гостивар, Велес, Кичево, Прилеп, Охрид, Струга,Битола, Кавадарци, Штип, Струмица, Гевгелија и Куманово. Советувањето и тестирањето треба да биде доброволно и доверливо и да биде спроведено од лица кои имаат поминато претходна обука за советување и тестирање за ХИВ.
За оваа област на делување издвоени се средства во вкупен износ од 1.500.000,00 денари.
- Психосоцијална поддршка за лица што се лекуваат од зависност од дрога
За оваа област на делување издвоени се средства во вкупен износ од 550.000,00 денари.
- Активности за дијагноза и третман на СПИ и услуги за сексуално и репродуктивно здравје кај клучните популации и млади лица
Со оваа област ќе се поддржи функционирањето на младинските пријателски сервиси за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) во Скопје и работата на мобилната гинеколошка амбуланта за СРЗ, со кои е планирано да се зголеми достапноста во пристапот до квалитетни услуги за СРЗ помеѓу луѓето од клучните популации (МСМ, ЛИД, СР и на луѓето кои живеат со ХИВ и нивните партнери), млади луѓе , ромки и жени од рурални средини. Преку стационарните и мобилниот сервис за СРЗ ќе се нудат следните услуги: гинеколошки прегледи и советувања (дијагностика на сексуално преносливи инфекции, администрирање на терапија и контрацепција, вагинален и ЕХО преглед и сл.); дерматовенеролошки прегледи (крио терапија, дијагностика на сексуално преносливи инфекции, администрирање на терапија); ХИВ тестирање и психосоцијални советувања; дистрибуција на кондоми, лубриканти и едукативни и информативни материјали. Со оваа активност потребно е да се опфатат клиенти од целните групи : МСМ – 200 лица, СР – 300 лица, ЛИД – 100 и 250 млади луѓе кои ќе направат тестови за СПИ (сифилис, гонореја, хепатитис Б и хепатитис Ц, кламидија и/или трихомонас) и/или гинеколошки преглед (вагинален преглед и ЕХО).Оваа област вклучува и активности за јакнење на капацитетите на давартелите на услуги за СРЗ во младинските пријателски сервиси за СРЗ и работата на мобилната гинеколошка амбуланта.
За оваа област на делување издвоени се средства во вкупен износ од 2.400.000,00 денари.
VII. Право на учество
Право на учество имаат сите заинтересирани здруженија основани согласно Законот за здруженија и фондации.
Заинтересираните здруженија можат да поднесат пријава за една, две или повеќе активности наведени во Точка VI од Јавниот повик и тоа:
- Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за МСМ во Скопје, Тетово, Охрид, Штип и Струмица.
- Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за ЛИД во Скопје, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица, Гевгелија, Велес, Прилеп, Кичево, Тетово, Струга, Кавадарци, Штип и Куманово.
- Превенција на ХИВ кај клучните популации – програми за СР во Скопје, Гостивар, Тетово, Охрид, Битола, Струмица и Гевгелија
- Позитивна превенција и психосоцијална поддршка кај лица со ХИВ и нивни партнери со превенција кај МСМ
- Активности за теренско ХИВ тестирање и советување кај клучните популации
- Психосоцијална поддршка за лица што се лекуваат од зависност од дрога
- Активности за дијагноза и третман на СПИ и услуги за сексуално и репродуктивно здравје кај клучните популации и млади лица.
VIII. Времетраење на Јавниот повик
Јавниот повик трае 10 (десет) календарски денови, сметано од денот на објавувањето во два весника.
Јавниот повик се објавува и на интернет страната на Министерството за здравство www.zdravstvo.gov.mk.
IX. Краен рок и место за поднесување на документацијата
Крајниот рок за доставување на потребната документација е до 15:00 часот на последниот ден на јавниот повик, односно 10 (десет) календарски денови, сметано од денот на објавувањето во два весника.
Документацијата се поднесува во архивата на Министерство за здравство во затворен коверт, со седиште на ул. „50 Дивизија“ бр. 14, 1000 Скопје, со назнака – Пријава за јавен повик за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија кои што ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр 32/2023 од 13.02.2023 година)
X. Постапката за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија коишто ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/2023 од 13.02.2023 година) ја спроведува комисија назначена од Министерот за здравство.
Пријавите по јавниот повик се доставуваат во рокот утврден во јавниот повик.
Комисијата ги разгледува само пријавите кои ги исполнуваат условите наведени во овој Јавен повик.
Некомплетната документација и документацијата која е поднесена по истекот на крајниот рок за поднесување на пријавите, се отфрла како некомплетна и задоцнета и истата нема да се разгледува.
Комисијата за спроведување на јавниот повик, при проверката на комплетноста и валидноста на документацијата за утврдување на способноста на здружението и при евалуација на пријавата, може да побара од здруженијата да ги појаснат или дополнат документите, доколку не станува збор за значителни отстапувања од бараната документација, во рок од 3 (три) работни дена, сметано од денот на доставување на Барањето преку e-mail адресата која здружението ќе ја наведе во Формуларот за аплицирање.
Бараната документација да се достави во електронска форма како одговор на доставеното Барање и во хартиена форма во архивата на Министерството за здравство. За валиден рок се смета рокот на доставување на документацијата во електронска форма (преку e-mail комуникација).
Пријавите се разгледуваат во присуство на сите членови на Комисијата.
Изборот на здруженијата ќе биде извршен врз основа на условите утврдени во Јавниот повик.
Сите здруженија кои ќе ги исполнат условите наведени во Јавниот повик по предлог на Комисијата, ќе бидат избрани и со истите ќе се склучат поединечни договори.
Министерството за здравство го задржува правото да ја отфрли пријавата на здружение кое покажало значителни или постојани недостатоци во исполнувањето на клучните обврски во претходни договори по Јавен повик склучени со Министерство за здравство, што резултирало со еднострано раскинување на договорот.
Министерството за здравство го задржува правото да склучи Договор со повеќе здруженија за извршување на иста активност, под услов вкупниот износ на склучените договори да не го надминува буџетот за утврдената активност, предвидени во овој Јавен повик.
Напомена: Доколку вкупната вредност на сите прифатливи пријави кои се однесуваат за една област на делување ја надминува проценетата вредност утврдена за секоја област во глава VI од овој Јавен повик, Министерството за здравство ќе изврши еднакво процентуално намалување на секоја прифатлива пријава, во рамките на максимално утврдената проценета вредност.
Министерството за здравство ќе го извести Здружението за измената во неговиот формуларот за Буџет во електронска форма, за што Здружението во рок од 3 (три) дена има право да ја прифати или отфрли понудената корекција, преку доставување на Потврда за согласност со извршената корекција и Корегиран Формулар Буџет согласно процентуалното намалување.
Бараната документација Здружението е потребно да се достави во електронска форма како одговор на Известувањето и преку архивата на Министерството за здравство. За валиден рок се смета рокот на доставување на документацијата во електронска форма (преку e-mail комуникација).
Доколку Здружението одбие да ја прифати корекцијата на Формуларот за Буџетот, Министерството за здравство го задржува правото да ја отфрли пријавата како неприфатлива.
XI. Начин на известување
Здруженијата учесници на јавниот повик ќе бидат известени во рок од 7 (седум) дена по писмен пат за резултатите од Јавниот повик за избор на здруженија и доделување на средства на здруженија кои што ќе спроведуваат активности утврдени во Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција во Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 32/2023 од 13.02.2023 година)
Формуларот за аплицирање, формулар за професионална биографија на ангажираните лица за предлог проектот и формуларот за буџет, се достапни на интернет страната на Министерството за здравство www.zdravstvo.gov.mk. За реализација на активностите обезбедени се средства во износ од 16.969.000,00 денари, обезбедени од Програмата 57 од Буџетска сметка ставка 425.
Извор: Министерство за здравство